Од:

И болни и понижени

Навистина страшно, но беше прашање на време кога ќе се случи. Очекувано за ваков здравствен систем. Двајца пациенти од Крива Паланка починаа бидејќи возилото од брза помош се расипало на патарината, на пат кон Скопје. Тој што ја соопшти веста на медиумите веројатно имал причина да се крие зад измислена електронска адреса. Претпоставувам дека се плашел за својата безбедност или за сигурноста на своето работно место или бил пациент на кој совеста не му дозволила да молчи, очигледно.

Се покажа дека е точно. На возилото на Итната медицинска помош му откажале сопирачките и можело да заврши во некоја провалија. Додека чекале  час и половина  да стигне друго возило од скопската Итна медицинска помош, двајцата тешко болни пациенти кои биле внатре еден до друг, починале. Едниот бил со трансплантиран бубрег, другиот се гушел, имал белодробна болест.

Апсурдно и морбидно е правдањето на директорот на Здравствениот дом, дека причината за смртта не е расипаното возило, тие и без тоа ќе починеле. Неговите претпоставени во Министерството за здравство сега ќе го регистрираат случајот како уште еден во кој никој нема да одговара.

Всушност, кој да одговара во Крива Паланка. „Дотепани “ се и без тоа. Со дотрајани возила за брза помош и Здравствен дом во кој нема инфузија кај да се закачи. Важно директорот е партиски кадар, да се знае. Тоа е најважно. Министерот Тодоров нема зошто да одговара нели? Тој никогаш не се чувствува виновен. Згора на се зафатен е со набавка на скапа медицинска опрема со која нема кој да работи. Тој им ја носи НАСА во болниците,  зарем треба да им набавува нови возила или да  вработува возачи. Да, ова се случува во земја во која човечкиот живот нема вредност.

И не е првпат да се случи вакво нешто. Пред неколку години пациент од едно кумановско село  почина на пат кон Скопје, кога возилото с е расипало кај патарината.  А, колку случаи има што не ги знаеме?

Во една прилика кога со возилото на брзата помош придружував близок роднина од еден град во внатрешноста до Скопје, возачот ми раскажа многу слични приказни. Човекот беше избезумен, револтиран, не наспан. Ми раскажа дека во болницата има само двајца возачи, а во моментот едниот бил на боледување. Рече дека немал спиено 24 часа и само што легнал да отспие го викнале за итниот случај. И како нема да правиме сообраќајни незгоди, рече. Како нема да заспиваме по пат? Возиме со стари истрошени возила. Кога ќе стигнеме на скопските клиники јас сум и болничар и шофер, јас го кревам и транспортирам пациентот, додека лекарот чека и моли да биде хоспитализиран. Ова е хорор, не е здравство, ми рече.

И навистина е хорор. Никој не го интересира ништо во општиот хаос. Директорите на болниците велат има лекови, а всушност нема. Ништо нема. Постојано одговараат дека тендерите се во тек, а луѓе умираат заради немање тубуси или мали делчиња од пет пари кои може да спасат живот.

Често се случува возилата на Итната медицинска помош да кружат низ Скопје со пациенти кои ниту една болница не сака да ги прими. Кружат и со социјални случаи на кои здравствените установи им затвораат врата,  луѓе во тешка здравствена состојба за кои никој не се грижи. Тоа се приказни од реалниот живот.  Моменти на очај. Секојдневие, во кое наместо болници и домови за стари и изнемоштени се градат споменици на знајни и незнајни јунаци, на барокни згради. Ова е време во кое едни го слават животот и се расфрлаат со трошење пари,  додека други умираат понижени во искршените возила  на брзата помош. Време на апсурдот, на сјајот и бедата на нашето општество.