Од:

И да се спроведе, резултатите од екстерното нема да се земат предвид

Министерот за образование во заминување Пиштар Љутфиу пред неколку дена ги разочара учениците и наставниците, откако побара да се подготват за екстерното тестирање.

Пиштар Љутфиу

-Донесувањето на законите не се случува преку ноќ, туку треба да биде во консултација и со правниот сектор со правните експерти за да донесе добар закон. Потоа законот ќе мора да помине на комисии, ќе треба во Парламент, па верувам дека ќе треба да помине извесно време по доаѓањето на новата влада. Затоа, повторно апелирам дека и покрај желбите на СДСМ да се донесе законот за укинување на екстерното тестирање, потребно е време, рече Љутфиу.

 

Оваа негова изјава се доживеа како „студен туш“ и како да ги разби надежите дека екстерното тестирање, кое се критикува уште од самиот старт од воведувањето во 2012 година, а пред неколку години имаше и големи протести, ќе биде укинато со изборот на новата Влада, како што вети и самиот мандатар Зоран Заев.

Доволно видовме од екстерното и тоа заслужено треба да оди во заборав

Дека ситуацијата се компицира и дека оваа најава е можно да не се оствари докрај, потврдува и Петар Атанасов, пратеник од СДСМ.

Во изјава за НОВА тој вели дека измените на законите со кои треба да се елиминира екстерното тестирање ќе доцнат, а како главна причина го наведува временски теснец до 5,6,8 и 9 јуни, за кога Државниот испитен центар го закажа тестирањето, како и доцното конституирање на Собранието.

Тој вели дека тие се подготвени, потпишани како предлог од пратеници на парламентарното мнозинство, и се испратени до Собранието и се очекува скоро да дојдат на дневен ред, но потребно е пред тоа да се конституираат и собраниските комисии, кои се прв филтер пред измените да се најдат на пленарна седница.

Петар Атанасов

Освен овој план А, кој во овој момент изгледа тешко остварлив, планот Б предвидува Министерството за образование (преку правните и законските можности) да даде насоки за неспроведување на екстерното тестирање, бидејќи како што вели Атанасов, тоа го бараат 99 проценти од наставниците, децата и родителите.

-Доколку не се успее ниту во првото ниту во второто, остануваат и други можности екстерното да се спроведе, но „резултатите“ од него да не се земаат во предвид, а оцените да не се внесуваат во свидетелствата на учениците. Но тоа веќе ја комплицира ситуацијата, вели Атанасов за НОВА.

Екстерното чини стрес и пари

Во целата оваа неизвесност основните и средните училишта ги прават последните подготовки за спроведување на екстерното.

-Учениците и родителите секојдневно се интересираат дали ќе има екстерно или не оваа учебна година, а стресот и неизвесноста  почнува да се зголемуваат. Прашањата за “бубање”веќе ги има објавено на страната на ДИЦ и децата, наставниците и родителите дополнително ги “учат, вели Наде Молеровиќ, директорка на ОУ „Гоце Делчев“ во скопската општина Центар.

Таа вели дека училиштето ќе биде подготвено за тестирањето, бидејќи законски се обврзани да обезбедат услови за успешно спроведување на техничкиот дел – компјутери во исправна состојба. Оваа операција сепак има и цена.

-Имајќи  предвид дека компјутерите не се користат секојдневно поради неисправност, застареност на некои машини сега мораме и финансиски да се изложиме на дополнителни трошоци околу набавка на се она што недостига, тастатури, мауси …итн, вели Молеровиќ.

Три дена децата се во грч

Но сепак најрелевантно мислење за тоа како се доживува екстерното тестирање доаѓа од самите ученици и нивните родители. „Овој луксуз“ децата ги чини стрес, а нив и пари.

-Како што се приближува крајот на школската година, децата наместо да се радуваат, тие се во грч. Предметите кои ќе ги полагаат ги дознаваат три дена пред тестирањето, и тие три дена тие буквално се во бунило. Замислете што значи да совладате материјал од 300-400 страници, вели еден од родителите со кои разговаравме.

Овој систем на проверка на знаење според родителите има уште една негативна страна, а тоа е што ги става децата во нерамноправна положба во однос на материјалот што треба да го совладаат.

-Некои добиваат, условно кажано, „полесни предмети“, во смисла на количината на материјалот (100 страници), додека други немаат  таква „среќа“, па за обата предмети мора да совладаат 400 страниц, што воопшто не е за потценување, вели родител со две деца – едното во основно, другото во средно училиште, и обете полагаат екстерно.

Укинување на екстерно е враќање назад

За ВМРО ДПМНЕ, чија Влада во историјата на македонското образование ќе остане како автор на оваа непопуларна образовна мерка, намерата да се укине екстерното тестирање не е реформа, туку антиреформа и додворување на дел од родителите кои се третираат само како потенцијални гласачи, а не и како луѓе на кои државата треба да им обезбеди подобро образование за нивните деца и да бидат поуспешни во животот.

Спиро Ристовски, кој во владите на ВМРО ДПМНЕ беше и на министерската и на заменичката функција во образование, неодамна изјави дека со укинување на екстерното, Македонија ќе се врати назад и дека е на штета на потенцијалот и успесите на децата, бидејќи како што рече ваквото оценување било воведено за „како одговор на една појава која започна во периодот на транзицијата, а се манифестираше преку масовно пишување највисоки оценки без да се обезбеди дека ученикот има доволно стекнато знаење за таквата оценка“.

Со екстерното не се мери знаење, туку се тренира строгост  

Следната недела ќе знае дали екстерното ќе замине во историјата уште оваа година, или ќе се спроведе, но резултатите нема да се

Петар Атанасов, кој е воедно и професор на Институтот за политичко правни и социолошки истражувања вели дека екстерното тестирање е проект кој направи голема штета во системот на образование.

-Оваа активност е дел од една масовна операција со која ниту може да се оценат знаењата на учениците ниту може да се измери објективноста на оценувањето од страна на наставниците. Истовремено, „резултатите“ од екстерното беа користени за заплашување на наставниците и тренирање на строгост помеѓу наставничкиот кадар заради остварување на идеолошки и партиски интереси. Но штетата е голема, затоа што неколку генерации ставени под еден ваков притисок ја изгубија мотивацијата преку образованието да се остварат во своите кариери, како ученици и како наставници, вели Атанасов.

Модалитети на екстерни тестирања постојат во различни образовни системи, но ова што го видовме кај нас воопшто не е тоа: Екстерните тестирања се анонимни, со дадена програма на почетокот на учебната година, но и воспоставени стандарди и индикатори според кои се оценуваат знаењата на учениците а преку тоа и умеењата на наставниците.

Според него, како директен учесник во образовниот процес, и како професор и како родител, мора да направи нов модел за евалуација што би се реализирал во наредниот период.

-Тоа е едноставно да се направи доколку знаете што оценувате и кои се вашите параметри и почетни позиции. Особено по главните и „потешки предмети“. Но тоа не треба да се прави масовно и како цунами, а притоа да се изгуби смислата на наставата и наставната програма. Целта е децата да ги научиме нешто, а не да ги притискаме да ги меморираат фактите и содржините без никаков ефект од тоа. Светот оди напред и ние мора да ги пратиме светските трендови на стимулација на децата и оставање на простор на наставниците сами да ги креираат програмите според потребите и на децата и на општествената средина, вели Атанасов.

Во меѓувреме, додека не се расчисти дилемата, како што вели директорката Молеровиќ,  училиштата и на наставници, најмалку што можат е да обезбедат релаксирана средина за учениците, бидејќи резултатите од нивните одговори никому нема да користат.