Од:

Кучињата лаат, карванот си врви: Панорамското тркало раат си се гради

НОВА открива дека Панорамското тркало непречено се гради иако постојат правни механизми тоа да се се сопре. 

По изборот на новата влада голем дел од широката и експертската јавност го отвори прашањето „Што  со Скопје 2014“ – проектот поради којшто светските медиуми на Скопје му ја доделија титулата „Престолнина на кичот“. Едни бараат рушење, други се против, а заедничкиот став на поголемиот дел од македонската јавност е дека нешто  мора да се направи со проектот којшто произведе сериозни естестски, идентитетски и правни, социјални и политички последици.

Вчера министерот за култура изјави дека тој планира глобална конференција со меѓународни експерти кои што би дале стручни идеи за тоа што да правиме со Скопје 2014. Но, додека Македонците дискутираат дали да се рушат или пренаменат постоечките објекти, на големо се градат нови. НОВА открива дека Панорамското тркало непречено се гради иако постојат правни механизми тоа да се се сопре.

Скопје 2014 продолжува

Дваесетина работници качени на столбови деновиве забрзано работат на изградбата на Панорамското тркало. Иако изградбата на овој објект требаше да биде запрена, надлежните велат дека тркалото се гради со предвидената динамика.

Општина Центар во март оваа година донесе одлука за поништување на деталниот урбанистички план за Мал ринг, а со тоа и запирање на сите градежни дозволи за објектите во центарот на градот. Оваа одлука ги вклучуваше Шпанските скали и Панорамското тркало. Но и по неколку месеци од одлуката, тркалото во коритото на Вардар интензивно се гради. За запирање на изградбата на Панорамското тркало ништо не преземаат ниту Министерството за транспорт и врски и второстепената комисија и Државниот градежен инспекторат. Експертите од областа на урбанизмот и градежништвото велат дека ако државата сака, има начин како да се запре изградбата на тркалото, но дека поради тоа државата ќе треба да плаќа пенали на компаниите кои работат на изградбата.

Панорамското тркало кое се гради во коритото на Вaрдар, во близина на Камениот мост за голем дел од експертите претставува небезбедна градба и во иднина може да предизвика штета. Како што неодамна за НОВА ТВ изјави Даница Павловска со изградбата на тркалото се загрозува коритото на реката Вардар и за тоа требало да се побара согласност од ИЗИС и од други специјализирани компании за регулации на реки и институции.

 

Петицијата на граѓаните стои во фиока кај Трајановски

Петицијата „Стоп за панорамското тркало“ во февруари оваа година ја потпишаа речиси осум илјади граѓани, истата беше доставена до градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. Но за оваа иницијатива на скопјани немаше ниту дебата во градското собрание.

Од Градот велат дека советничките групи во Собранието можат да побараат оваа петиција да се стави на дневен ред на седница на советот или пак да советниците сами да побараат запирање на изградбата и за тоа да се дискутира, но засега таква иницијатива нема.

Дали да се руши Скопје 2014

Еден од најконтроверзните проекти по кој ВМРО-ДПМНЕ ќе остане запаметена е проектот Скопје 2014. Близу 20 милиони евра се потрошени на зградите од стиропор со старински изглед. На десетици дебати организирани од експерти и граѓани низ годиниве се дебатираше дали откако ќе се смени власта, Скопје 2014 треба да остане или пак центарот на градот да се врати како што беше пред почетокот на проектот. Многумина се за рушење на овој спорен проект поради кој држава беше исмејувана во странство, но многумина велат дека рушењето нема да донесе ништо добро, само ќе се потрошат дополнителни средства кои можат да бидат пренаменети за нешто друго.

 

ЈСП: Тркалото се гради со предвидената динамика

Од Јавното сообраќајно претпријатие кому Град Скопје му ја додели изградбата на тркалото, кусо ни одговорија дека нема никакви пречки и дека „Панорамското тркало се гради со предвидената динамика“.

Според дата базата на Призма за „Скопје 2014-та“, изготвувањето на проектот и е доверенo на австриската компанија „Hotelconcept GmbH“, според идејното решение на „Massabni architects GmbH“, исто така од Австрија. За изградбата на тркалото се предвидени околу 20 милиони евра кои беа обезбедени од донации од буџетите од владините институции.