Од:

И покрај заканите лекарите избраа претседател на Собрание на комората

Притисоци и закани, се со цел да не се избере претседател на Собрание на Лекарска комора. Атмосферата од Собранието  на РМ , се пренесе и кај лекарите кои неколку часа не можеа да изберат претседател на Собрание. Поголема група на лекари- делегати го бојкотираа изборот, голем дел од нив под закани по работните места морале да си заминат од гласањето.

Кога екипата на НОВА пристигна во салата каде што требаше да се гласа, се чекаше да пристигне од дома лекарка која е на боледување поради скршена нога за да се добие мнозинство во гласањето.  Со 35 гласа „за“делегатите го избраа доктор Џабир Бајрами педијатар од Кичево за претсдател на Собрание, кој потоа предложи и беа избрани двајца негови заменици.

„Делегатите го напуштија гласањето под страшен притисок на политиката и нивните газди. Многу е замешана политиката, но јас еве јавно ветувам додека сум на чело на Собранието ќе направам се политиката да биде надвор од тука. Собранието и јас како претседател ќе бидеме отворени за сите доктори од сите краеви на Македонија и ветувам  дека ќе бидеме на страна на докторите, не на политиката “, изјави за НОВА, Џабир Бајрами, новоизбраниот претседател на Собранието на ЛК.

Изборот на претседател на Собранието на Лекарската комора е еден чекор пред избор на претседател на комората. Изборот треба да се случи со тајно гласање, на десет дена по изборот на претседател на Собранието, кој беше оспоруван и опструиран од партијата на заминување.

„Изборот на претседател на комора е траен. Ова на што бевме сведоци сега, да им с е јавуваат работодавците под закани со губење на работно место и да им се закануваат да си заминат, на тајно гласање верувам дека ќе биде поедноставно. Јас сум делегирана со потписи од членови на Собранието и некои други колеги и да се надеваме дека конечно ќе дојде момент кога ќе дојде човек што не го интересира политика туку само докторскиот мантил“, изјави доктор Калина Старделова Гривчева, кандидат за претседател на ЛК.

Како што веќе информираше НОВА, старото раководство цела година ги одлагаше  изборите за нов претседател, а за тоа време беше донесен нов статут, правилници, закон за кои лекарите обвинија дека се незаконски. Од кога почна процесот на изборите, за цело време има турбуленции , притисоци и  обвинувања. Останува да се види како ќе се одвива последната фаза, изборот на претседател на ЛК и неговите заменици.

 

 

 



Comments are closed.