Од:

Има начини за излез од собраниската криза

Во момент кога работата на Собранието е закочена, а излезот е далеку ако се земат в предвид политичките аргументи на пратениците, Уставот е оној по кој може и треба да се решава кризата.

Конститутивната седница за избор на Комисија за избори и именувања и нов собраниски спикер влезе во третата недела, но формирањето на нова влада се чини далеку кога Деловникот се толкува различно.

И бидејќи продолжуваат празните дискусии на разни теми, а не на третата точка за изборот на Комисијата, пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски со поддршка од 10 пратеници побара претседавачот Трајко Вељаноски да стави на гласање пратениците да одлучат дали да се мине на четвртата точка веднаш, со цел да се избере нов спикер а со тоа да се прекине политичката криза и да се направи обид да се формира нова влада.

Но според Петковски, токму Вељаноски е тој кој ја злоупотребува функцијата и се уште се однесува како претседател на Собранието иако повеќе не е.

– Ова не може да трае со недоглед. Вељаноски нема легитимитет, и тој ја злоупотребува функцијата. Во моментов спорот е со неразумни луѓе кои се плашат од затвор. Не може малцинство да врши терор врз мнозинство, тоа го нема никаде, вели Петковски.

Како што потенцира поранешниот прв човек на Собранието, пратениците, а не објектот односно зградата ја претставуваат законодавната власт, и затоа во случај кога работата е закочена, решението треба да се бара во Уставот.

– Во случај кога Деловникот за работа на Собранието се толкува злонамерно, тогаш во предвид се зема Уставот. Злоупотреба е искривеното гледање на Деловникот од страна на парламентарното малцинство и предлогот на пратеникот Оливер Спасовски да се премине на 4.та точка од дневниот ред со поддршка на 10 пратеници е апсолутно легитимен. Се додека претседавачот Трајко Вељаноски кој не е повеќе спикер, ја злоупотребува функцијата, решението е во тоа да пратениците се состанат и најстариот пратеник да претседава со неа, на која ќе се избере спикер кој ќе го извести претседателот Иванов за парламентарното мнозинство, дополнува Петковски.

Тој вели дека во моментот кога ќе се избере нов спикер, полицијата нема ингеренции да го спречи да седне на првото столче во Законодавниот дом, а најмалку Вељаноски.

Од друга страна Андов вели дека иако таквото решение е легитимно, да пратениците се соберат надвор од Собранието и да изберат спикер, сепак стравува дека можно е малцинството пратеници да не го дозволи тоа.

Според него, решението е веднаш да се формира работна група внатре во Собранието и истата да ги расчисти сите дилеми околу Деловникот на кои се повикуваат пратениците од СДСМ и мнозинството и ВМРО-ДПМНЕ со претседавачот Трајко Вељаноски.

– Кога Деловникот се толкува различно, тогаш треба да се формира работна група која ќе најде решение за дилемите околу кои се спротиставуваат страните. Во меѓувреме, ќе се прекине расправата по точката која во моментов е предмет и ќе се премине на следната, јас така би направил, вели Андов.

За разлика од Петковски и Андов, претседателот на Собранието од 2006 до 2008 година, Љубиша Георгиевски, смета дека Собранието функционира подобро од било кога, и дека нема никаква криза внатре во него.

– Собранието функционира како никогаш до сега, подобро и од јас кога бев претседател. Се брани унитарноста. Предлогот со поддршка од 10 пратеници да се премине на 4.точка е апсолутно нелигитимно. Тоа е како на утакмица на фудбал да ја прекинете и да речете „Ај сега малку ракомет“. Правото на говор е загарантирано и не смее да се суспендира, вели Георгиевски.

Тој потсетува дека своевремено, сегашниот кандидат за нов спикер, Талат Џафери од говорница читал поезија, правдајќи се дека има право на тоа, иако тогаш некои пратеници сметале дека е нелогично.

ЧЛЕНОВИТЕ 78 и 80 ОД ДЕЛОВНИКОТ, РАЗЛИЧНО ТОЛКУВАНИ

– Членот 78 став 2 вели, „во текот на седницата а не во услови на исцрпен претрес или пријавени пратеници“…јас мислам дека ова е тек на седница и затоа сме тука. Во текот на седницата има или нема ицрпена листа, пратеник поддржан од 10 пратеници може да поднесе предлог за измена на точките од дневниот ред. Ќе одлучиме како ќе одлучиме, може нема да дојде до тоа (избор на нов спикер), порача денеска од собраниската говорница повторно Петре Шилегов, барајќи од претседавачот Трајко Вељаноски да се гласа дали да се премине на четвртата точка.

На неговиот говор денес се надополни и пратеникот Томислав Тунтев, кој неколку дена бара од Вељаноски да не се одолговлекува расправата со бесмислени реплики и контрареплики.

– Вие барате член во Деловникот кој ќе го исклучи членот. Не може членот 80 да го исклучува 78. Никој никому нема да му го одземе правото на дебатира, но сосема легитимно е дека член со член од Деловникот не се исклучуваат. Уставот вика дека власта ја креира парламентарното мнозинство. Можеби влада нема да биде, но Иванов треба да даде шанса за формирање. Тоа е основата на демократијата, му се обрати Тунтев на Вељаноски и своите колеги од ВМРО-ДПМНЕ, кои постојано укажуваат на членот 80.

Крсте Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ се повика, исто како и Вељаноски, на членот 80 од Деловникот, а кој вели дека претресот трае додека не се исцрпи листата на пријавени пратеници за збор.

Што предвидува истиот?

И во момент кога Деловникот, заедничката декларација на албанските лидери т.н Тиранска Платформа, двојазичност, бинационалност и слични теми се отвораат во Собранието, пратеникот од редовите на СДСМ, Дамјан Манчевски вели проблемот ниту е во Деловникот, ниту во платформата, туку целосната блокада.

– Во моментов Собранието не може по ништо да одлучува затоа што малцинството на пратеници не дозволува да се гласа. Јас барам да гласаме било што, што сакаат пратениците. За овој предлог на Спасовски, не давате да се гласа.  Проблемот е во тоа што вие, ако треба и четири години ќе дебатирате…Не е загрозена Македонија туку криминалот и корупцијата. Ве повикувам на разумот да се бориме против тоа заедно во интерес на граѓаните, порача Манчевски.