Од:

ИН МЕМОРИАМ: Почина Димитрија Поповски-Шкипер

Денеска во Скопје, по кусо и тешко боледување, на 76 годишна возраст почина Димитрија Поповски-Шкипер. Важеше за еден од најдобрите македонски тренери и остави неизбришлива трага во развојот на овој спорт кај нас. Работеше со Александар Маленко, со Наташа Мешковска, со Александар Миладиновски, со Весна Стојановска со кои учествуваше и четири олимписки игри од Барселона во 1992 година до Атина во 2004 година.

Пред осамостојувањето на Македонија, Поповски беше последниот селектор и предводник и на пливачката репрезентација на Југославија. Беше професор по пливање на Факултетот за физичка култура во Скопје на кој и дипломира и беше негов декан и, меѓудругото, член и на Македонскиот олимписки комитет (МОК).

Поповски, како член на Либералната партија на Македонија, беше и пратеник во Собранието на Република Македонија.

Погребот на Димитрија Поповски-Шкипер ќе биде во понеделник во 11 часот на градските гробишта во Бутел.