Од:

Иницијативата „Пет до дванаесет“ повторно ќе кампува спроти Собрание

Иницијативата „Пет до дванаесет“ и родителите на деца со посебни потреби од денеска повторно ќе кампуваат пред Собранието на Република Македонија од каде повторно од пратениците ќе побараат итно да расправаат за нивните проблеми.

– Тука сме и ќе останеме во фокусот на јавноста да не видат луѓето спроти нас во Собранието и да ги постават нашите барања како приоритет. Ја повикуваме македонската јавност, ги повикуваме родителите и лицата со посебни потреби, во наредниве три дена да ни се придружат на нашите работилници, на кои ќе ги разгледаме уште еднаш барањата со цел да се дополнат, порача денеска Сузана Стојановска од иницијативата „Пет до дванаесет“.

Наредните три дена во кампот ќе има мзучки, уметнички и други активности.

Родителите вклучени во иницијативата „Пет до дванаесет“ уште минатиот месец предложија законски измени до Министерството за труд и социјална политика, а сега ќе ги достават и до новата Влада.

Како што најавија тие, очекуваат средба со министерката за труд и социјална политика, а ги повикаа и Министерството за здравство и за образование да ги повикаат како би нашле заеднички јазик.

Меѓу другото, родителите на децата со посебни потреби бараат да се избрише границата од 26 години од законите за труд и социјална политика и од законот за здравство, самохраните родители да се изедначат со згрижувачките семејства и да се формира народен правобранител за лица со посебни потреби.