Од:

Институции или чешмички, прашање е сега

Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор на Универзитетот на Југо-Источна Европа

Се сеќавам на неодамнешната изјава на претседателот на Основен суд Скопје 1, Владимир Панчевски, кој во однос на претставката потпишана против него од група судии на овој суд рече: “Секој судија во Основниот суд Скопје 1 е дуќанче, секој судија е чешмичка”. Арно ама, поранешниот претседател кој сега се спремаат да го заменат со вршител на должноста кој ќе служи како негов клон, заборавил да ја истакне општоста на таа изјава. Имено, веќе подолго време се посилно станува убедувањето дека не секој судија, туку секоја државна институција на оваа земја постапува како некаква чешмичка, која се отвара или затвара според потреба.

Така, чешмичката наречена Судски совет одеднаш престана да капе било каква информација за јавноста. Веќе неколку недели членовите на овој совет зад затворени врати дебатираат за претставката против Панчевски и кривичната пријава и контра пријава поврзана со него, и не само  тоа, туку вонредно ги оценуваат кандидатурите за претседател на Скопје 1 и Врховен суд. Порано невидено, вонредно оценување, (слично на вонредно полагање испити после дипломирање со цел на поправање на просекот на оценките за да се конкурира на некој значителен конкурс за државна функција), кое треба да поправи некои тројки за некој да освои уште еден мандат за управување со најголемиот кривичен суд во земјата. Не само вонредно, туку и извонредно оценување се спремни да направат, само да продолжи веќе воспоставената пракса на одбивање сé што доаѓа како барање од СЈО. Впрочем, токму непријателството кон СЈО засега е главен критериум не само за избор на нов претседател на судот, туку и за избор на вршител на должноста, бидејќи блокадата мора да продолжи, макар и за кратко време, особено за време на избори: блокадата е клучна и незаменлива во било кој момент.

Додека на јавноста и преостанува само да шпекулира од празните изјави на претседателот на Судскиот совет, друга чешмичка, наречена Државна комисија за спречување на корупција почнува да капе, сепак, капе само топла вода, која има за цел да изгори точно определен политички субјект. Така, нема ни трага од студената вода која би требалода ги измие податоците од државните ревизори во однос на богатите ручеци и вечери изедени од поранешниот министер за образование, ниту пак пријавите за неовластено употребување на Туарегот на Агенцијата за вработување од страна на дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика. Да не зборувам за сите индиции за корупција кои се појавија во бомбите а за кои горенаведената чешмичка беше мртво сува сиве овие години.

Ама затоа пак трета чешмичка наречена Основно јавно обвинителство Скопје најави обилно течење вода. Најавија дека веќе иницирале 42 предмети за изборни нерегуларности за кои не дадоа никакви детали. Така, останува да видиме каква вода ќе тече од таа чешма, студена, топла, заматена или бистра.

Се сеќавам и на чешмичката наречена Претседател на РМ, од која во Април 2016 година широкоградо протече вода која имаше за цел да ја измие одговорноста на повеќето што денеска ги гледаме носители на изборни списоци. Чешмичката осушинекаде во Јуни, сепак, водата која протече однесе скапоцено време во кое СЈО беше директно спречено да работи.

Во неговите митинзи низ градовите на Македонија, Груевски се заканува со престанок на мандатот на СЈО, бидејќи, како што вели тој, продолжувањето на нејзиниот мандат значи продлабочување на политичката криза во Македонија. Не, драги граѓани, продолжувањето на мандатот на СЈО не значи продлабочување на кризата туку е суштински услов за решавање на истата. Тоа што навистина значи продолжувањето на тој мандат е некој да заврши зад решетки. За да не му се случи ова, Груевски бара да му се обезбеди најважната и најголема чешмичка, а тоа е мнозинството во Собранието на РМ каде што тој ќе стави крај еднаш засекогаш на понатамошната работа на СЈО мислејќи дека ќе се спаси од неизбежното, заборавајќи дека правдата еден ден ќе го стигне, каде и да сака да побегне.

Тоа за него е борба за слобода и бегство од робија, затоа му требаат тие 63 гласа во Собрание, за да се заштити себеси и другите околу него, и да се самопрогласи еднаш за секогаш за недопирлив. Му требаат тие гласови за да има и понатаму целосна контрола врз државните институции кои служат како негови чешмички, кои тој ги отвара или затвара по негова желба. Му требаат тие гласови за да продолжи да се вози со скапиот мерцедес со екрани на задните седишта, и да продолжи да се збогатува со кинески и други провизии и со низа други криминални активности. Му требаат тие гласови за да продолжи непречено да живее во своето царство на измама и криминал.

За да ги постигне тие гласови тој е спремен да направи сé, и максимално да ги искористи институциите на државата кои му служат како чешмички. А најмногу од се, тој е спремен и како што гледаме, веќе одамна целосно ја отворил чешмата на стравот а потполно и силно ја затворил чешмата на разумот и логиката. Од таа негова чешма на страв се пролева националистичко-шовинистичка реторика, со која тој ги плаши граѓаните со федерализација, со некаков страв за расцепување и разнебитување на државата, со не дај Боже учење на јазикот на соседот со кој се дели истата сурова реалност во која едвај преживуваме во оваа земја. Таа чешма непрекинато пролева страв и трепет дека доколку “оној другиот” доаѓа на власт, Албанците ќе станат господари на животот на Македонците. Не драги граѓани, ниту Албанците можат да бидат господари на животот на Македонците ниту пак Македонците можат да бидат господари на животот на Албанците во едно слободно општество. Со неговите изјави Груевски субтилно ја крие својата видлива намера да продолжи да биде тој господар на нашите животи и на нашата слобода.

Да ви кажам право, смачено ми е да живеам во држава со такви чешмички. Смачено ми е не само мене туку и на многу други, кои чекаат да видат што ќе се случи и дали е оваа последна шанса да не биде, со подготвени куфери за заминување и приклучување кон поројната река на стотина илјадници граѓани кои одамна изгубија надеж дека нешто ќе се измени во оваа поднебје.

Смачено ми е мојата етничка припадност да сее страв меѓу луѓе кои живеат во истата реалност и се борат со истите секојдневни проблеми како мене. Смачено ми е да слушам дека некој може да изгуби на избори само заради фактот што се осмелил да поверува во граѓанско општество каде службено се употребува мојот јазик и каде се верува во нешто заедничко. Смачено ми е да живеам во таква поделеност која еден ден ќе биде фатална за ова мала земја.

Затоа на 11 Декември едвај чекам да разбирам кои сограѓани се побројни, оние кои се плашат од мене или пак оние кои сакаат да живеат и да соработуваат со мене и со другите граѓани различни од нив. Едвај чекам да дознавам дали ќе надвладее стравот или разумот, дали ќе продолжи да се подржи криминалот или истиот ќе се казнува. Едвај чекам да дознавам дали и понатаму ќе живееме со чешмички или ќе имаме вистински државни институции. Едвај чекам да дознавам дали воопшто ќе има живот во оваа земја. Бидејќи знаете, секој народ ги бира лидерите кои си ги заслужува. Љубопитна сум да видам, што заслужуваме ние и за што сме спремни да се бориме до крај.