Од:

Институционална грижа -што беше тоа?

Снегот повторно наврна.  Студот стегна, а бездомниците се на улица. Да, тоа се луѓето  што не успеаја да се сместат во привремените ноќевалишта кои ги обезбедија хумани луѓе или  организации.  Тоа се тие луѓе невидливи и отфрлени од системот, бездомници кои ноќите ги поминуваат под отворено небо и се молат следното утро да го дочекаат живи.  Утро како денешното, снежно и студено.

Така е во оваа држава која се декларира за социјална. За Министерството за труд и социјала бездомниците никогаш не биле приоритет, а не се ниту сега кога температурите се спуштаат на  -20 степени под нулата. А, тие сироти умираат  премрзнати, стуткани во некое ќоше за да се засолнат од виулиците. Тројца веќе починаа.

Единствениот објект кој го обезбедила државата за оваа категорија граѓани се бараките на летувалиште во Чичино село, стари повеќе од педесет години. Овој објект ни оддалеку не ги задоволува потребите. Всушност, тие и се плашат да престојуваат таму бидејќи објектот е мета на локални банди кои ги напаѓаат, а тие  немаат никаква заштита.

Пунктот во Момин Поток кој е во организација на Црвениот крст останува како единствено прибежиште. Со капацитет од само 16 кревети овој објект  не ги задоволува потребите на бездомниците. Град Скопје најави дека ќе го прошири пунктот за уште 16 кревети, со парите од откажаната новогодишна прослава. Два милона денари, за 16 кревети? И тоа од кога тројца од нив починаа. Срамно!

И така, вратите ги отворија хуманите луѓе. Министерството за труд и социјала си спие, лежерно. Зошто всушност постои оваа институција, ако не им помага на луѓето кои нема од што и каде да живеат? За што служи тој огромен апарат од 1600 вработени вклучувајќи ги и Центрите за социјална работа кога не ги задоволува потребите на маргинализираните, на тие што им треба помош?

Зошто плаќаме даноци? За да им обезбедиме плати на тие што не излегле од своите канцеларии за да видат што се случува со сиромашните ? Околу 120 милиони евра годишно или 10 милиони евра месечно одат за плати на овие вработени.  За што? За да наоѓаат дупки во законите како да не им го дадат тоа што им следува на сиромашните?

Државата нема план, нема стратегија за бездомниците. Не постои работната реинтеграција на бездомните лица, ресоцијализација. Во  земјите од ЕУ каде што постои ова, се покажало дека процентот на бездомништвото се намалува.

Деновиве ми се јави една колешка, новинарка вознемирена бидејќи еден од бездомниците кои го згрижиле во центарот Дуња, не го примиле во Ургентниот  центар, иако ногата му е во лоша состојба и веројатно има сепса.

Да, во болниците не ги примаат бездомниците, зависниците, тие што живеат на маргините. Тие како да немаат право на живот во оваа држава. А, токму здравствениот систем таков каков што го создадоа во последните години е наменет за социјалата. За тие што имаат пари се отворија приватни болници со сите удобности, нели? И покрај тоа, јавното здравство ги затвора вратите за овие луѓе. За министерот  Тодоров тоа не е проблем, а очигледно ниту за Ибрахими, министерот за труд и социјала.

Бездомниците, сиромашните семејства кои живеат без струја и немаат да се прехранат, тие се оставени на грижата на хуманите граѓаните. Тогаш, кога ќе го проголтаат срамот и ќе се појават во медиумите. Во оваа држава нема институционална грижа. Не се почитуваат човековите права. Конечно, време е да си ја исправат грешката! И да си ја преземат грижата! Заради тоа постојат нели?