Од:

Исход за паметење, игра за заборав: Втор триумф на ЖРК Вардар во ЛШ

Фото: zrkvardar.mk

Македонскиот женски ракометен првак одигра еден од оние мечеви за кои важи онаа „резултатот се памети, играта се заборава“. Така беше во мечот во Астрахан што заврши предмалку во кој изданието на ЖРК Вардар паѓа во втор план на освоените два бода, но предупредува пред дуелите од втората половина во групната фаза во Лигата на шампиони иако има место и за заклучокот „одиграа колку што им требаше“.

Вардарки ја совлада Астраханочка со 31:26 и тоа најмногу благодарение на искуството и индивидуалниот квалитет што е на нивна страна во случајот со рускиот претставник. Андреа Пенезиќ беше најефикасна во втората победа на „црвено-црните“ во групата Б со десет гола, Мавсар погоди шест пати, сите од линијата за седум метри. Сабирова го предводеше домашниот состав со осум.

Победникот беше решен во второто полувреме во кое вардарки додадоа гас, на двапати имаа плус пет (20:25, 21:26), но периодите на осцилации што беа честа појава меѓу вардарки во Астрахан навестуваа можна драма на четири минути до крајот што, сепак, не се случи. Наместо 23:28 се дозволи Астраханочка да се доближи на 25:27 меѓутоа налетите на Русинките беа набрзо неутрализирани и со низа од 4:1 се доврши задачата.

Астраханочка – ЖРК Вардар 26:31 (13:14)

Спортски комплекс „Звездни“ во Астрахан. Гледачи: 1.500. Судии: Викторија Кијаускаите (Литванија) и Аусра Залиене (Литванија).

Астраханочка: Трусова (12 одбрани, 1 гол), Ваганова -, Видрина -, Сисенова 2, Постнова 4, Сорокина -, Иванова -, Сабирова 8, Левша 1, Чапљигина 2, Чигиринова 5, Шичкина 3, Игнатович, Зеленкова, Кожокар, Јелелјаненка. Тренер: Михаил Андреевич Серегин.

Седмерци: 5/7. Исклучувања: 8 минути.

ЖРК Вардар: Лејно, Песоа, Радичевиќ 3, Кликовац -, Херем 1, Мавсар 6, Дамњановиќ 4, Лазович 4, Алтхаус 2, Илјина -, Пенезиќ 10, Човиќ 1, Лакрабер /, Хмирова /, Ристовска -. Тренер: Едуард Кокшаров/Ацо Станковски.

Седмерци: 6/7. Исклучувања: 8 минути.