Од:

Историски пад на рејтингот на Трамп

Претседателот на САД, Доналд Трамп во моментов го има најнискиот рејтинг за еден американски претседател во првите шест месеци како функционер во Овалната соба, покажува анкетата на Еј Би Си и Вашингтон Пост.

Од испитаниците, 35 отсто сметаат дека тој добро раководи со државата, што е пак помалку од анкетата која беше спроведена по 100 дена на власт, додека 58 отсто сметаат дека Трамп не е соодветен за прв човек на најмоќната држава во светот.

Поранешниот претседател Џералд Форд е последниот кој бил близу до таа бројка по година и пол од своето претседавање, односно имал 39 отсто поддршка во февруари 1975 година.

Инаку по првите шест месеци, Барак Обама и Џорџ Буш имале поддршка од 59 отсто.

Дури 63 отсто од испитаниците сметаат дека Доналд Трамп Јуниор несоодветно постапил кога се сретнал со руски адвокат за да добие информации за кампањата на Хилари Клинтон, а 60 отсто од нив сметаат дека Русија влијаела на изборите.

Помладиот Трамп, неодамна се сретна со Наталија Веселнитскаја, адвокатка од Русија, барајќи информации за кампањата на Клинтон на последните избори, а за кои сметаат дека дополнително би ја оштетиле, што наиде на контроверзии во американската јавност.

Забележителна е и бројката од 2/3 од испитаниците, кои сметаат дека Трамп не е соодветен да ги застапува пред светските лидери.

Резултатите од анкетата покажуваат дека 27 отсто од испитаниците сметаат оти Америка е поцврста на чело со Трамп пред светот, но половина од испитаниците велат положбата на САД ослабнала.

Анкетата на Еј Би Си и Вашингтон Пост е спроведена по фиксна и мобила телефонија во период од три дена на англиски и шпански јазик врз 1001 испитаник одбрани случајно.