Од:

Истражување: ЛГБТ младите често се жртви на сексуално вознемирување

Младите со изразена хомо и бисексуална привлечност (вљубеност) се многу почести жртви на малтретирање во училиште, но и жртви на психичко и физичко насилство во домот, во споредба со нивните хетеросексуални врсници, покажа последното истражување на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

Според истражувањето насловено „Колку се еднакви и безбедни младите во Mакедонија во нивниот сексуален развој и сексуални искуства?“, постојат серија загрижувачки податоци за здравјето и искуствата на младите со хомо/бисексуална ориентација.

Тие се речиси петпати почести жртви на сексуално вознемирување и полов напад , за што е многу веројатно дека најчесто немаат кому да се обратат. Голем дел од нив имаат намалена поддршка и разбирање од своето семејство и од родителите, а уште помала од врсниците.

„На голем број индикатори на менталното и емоционалното здравје, младите со хомо и бисексуални склоности (вљубеност) се изложени на два и повеќе пати зголемени ризици, во споредба со хетеросексуалните врсници. Депресивните чувства на тага и безнадежност, со сериозни самоубиствени идеи, се меѓу највисоките ризици по живот, со кои се соочува оваа „невидлива“ група млади“, се вели во резултатите од истражувањето кое го претстави главната истражувачка Лина Ќостарова Унковска, а збор на конференцијата зеде и Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалицијата СЗПМЗ.

Како што посочи Ќостарова, концентрацијата на ризици, психички нарушувања, ниската поддршка и депресивните и самодеструктивни идеи кај ЛГБТ младите во Македонија се доволно значајна евиденција, за таа да се игнорира, или да се препушти на исцелително-корективните и моралистички политики и решенија.

Дел од клучните наоди укажуваат дека младите од Македонија не се безбедни и доволно подготвени за првите сексуални искуства и интимни релации. Нивната грижа за себе и за сопственото (сексуално) здравје е спорадична, ненавремена и со високи меѓуродови разлики, за сметка на девојчињата. Меѓуродовата диспропорција од 12:1 во пријавените сексуални искуства на момчињата и девојчињата, односно од 9:1 во употребата на кондом при првиот сексуален однос во групата на етнички Албанци/ки, е силна евиденција за родовата нееднаквост во однесувањата поврзани со сексуалното здравје кај младите во Македонија.

Особено се загрижувачки, како што посочи Ќостарова, податоците за родовата нееднаквост во сексуалното здравје и добросостојба. 15-годишните млади со рани сексуални искуства се со повисок ризик за нивното сексуално, ментално и психосоцијално здравје, од младите без сексуални искуства, при што и девојчињата и момчињата страдаат подеднакво, на родово „својствен“ начин. Додека сексуално искусните момчиња се понасилни од девојчињата, тие се и почести жртви на малтретирање и на сексуално вознемирување и напади. За разлика од нив, девојчињата своите први сексуални доживувања најчесто ги манифестираат низ чувствата на неадекватност и повлекување, со реакции многу почесто свртени кон себе (нервози, депресивни расположенија, самоповредувања, и идеи за самоубиство).

Меѓуродовите разлики укажуваат и на нееднаквости во поддршката што момчињата и девојчињата со рани сексуални искуства, во Македонија, ја добиваат од своите семејства и од врсниците. За разлика од момчињата, девојчињата се повеќе изолирани и препуштени самите на себе.

Земајќи ги предвид резултатите од истражувањето, беше посочено дека неопходни се интервенции во примитивната, ниско- образовна култура на заедницата. Промените би можеле да започнат со воведување на инклузивни, родово чувствителни образовни програми и практики во училиштата, со цел редефинирање на ставовите и начините на постапување, со зголемување на слободите на изразување и почитување на разликите. Односно, дека само со промени во образованиот систем заснован на истражувачка евиденција и добри практики, можеме да дојдеме до промени и вистински решенија.

Публикацијата се потпира на истражувачки резултати за сексуалните однесувања, интереси и заштита кај младите (15 год.) од Македонија, добиени со нивно директно учество во меѓународната лонгитудинална (HBSC) студија. HBSC Студијата e меѓународно истражување за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст (11 г., 13 г., и15 г.), кое се спроведува секоја четврта година, во 44 земји од Европа и Северна Америка.