Од:

Иванов оди за Азербејџан, мандатот е со него, кризата останува дома

Претседателот Ѓорѓе Иванов среде најголемата политичка и институционална криза во историјата на земјата, реши да оди на службен пат во Азербејџан. Мандатот за состав на нова влада не го дава, а ситуацијата во државата од ден на ден тоне во се поголема неизвесност.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов заминува за Азербејџан, каде во четврток и петок во Баку, ќе учествува на Глобалниот форум „Иднината на меѓународните односи: моќ и интереси“ заедно со претседателите на Албанија, Црна Гора и Летонија.

Веста дека тој планира да замине на службен пат, во екот на институционалната и политичка криза откако тој одби да не го додели мандатот за состав на новата влада, предизвика разни реакции во јавноста.

За аналитичарите и познавачите на безбедносните состојби, во моменти кога Македонија нема избрано претседател на Собранието, претседателот на државата би требало да се воздржи од патувања во странство, освен ако тие не се од некој посебен приоритет.

„ Тој е Врховен командант на Армијата на Македонија и во услови на нарушена политичка состојба кога секојдневно имаме протести во државата, сметам дека неговото отсуство не е во ред. Според Уставот, него го менува претседателот на Собранието, но ние во моментот немаме избрано собраниски спикер. Најголем проблем е што немаме Влада, имаме техничка влада која ги организираше изборите и нејзиниот мандат е завршен. Актуелниот премиер е пратеник и тоа уште повеќе ја усложнува ситуацијата“, вели поранешниот шеф на УБК, Горан Митевски за НОВА.

Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов вели дека Иванов „во принцип не би требало да ја напушти земјата во вакви моменти“.

„Но какви принципи, кај нас немаме принципи, тој решил дека ќе оди и никој не може да го спречи. Немаме замена за Врховен командант, не може земјата да нема претседател во активност, кој ќе може во секое време да реагира доколку дојде до некаква ситуација, со оглед на тоа што тој не може од Азербејџан да ја врши функцијата. Но штом решил да оди, очигледно оценил дека ситуацијата во земјата е иста и со него, и без него“, вели Андов.

Според уставните експерти кои ги контактиравме, иако е неодговорно што во вакви моменти Иванов оди на службен пат, доколку тој е во отсуство не значи дека не може да ја извршува должноста. Велат дека мандатите во Собранието се верификувани, што значи дека иако не е избран претседател на Собранието, сепак Собранието веќе постои.

Според Уставот, во случај на спреченост да ја врши функцијата, претседателот на Републиката го заменува претседателот на Собранието.

„Во случај на смрт, оставка, трајна спреченост да ја врши функцијата или престанок на мандатот по сила на Уставот, до изборот на нов претседател на Републиката, функцијата претседател на Републиката ја врши претседателот на Собранието. Настапувањето на условите за престанок на функцијата претседател на Републиката го утврдува Уставниот суд на Република Македонија по службена должност“, се вели во Уставот.

Инаку, домаќин на форумот каде ќе присуствува Иванов е азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, кој минатиот месец ја назначи својата сопруга за потпретседател на државата.

Неколку медиуми објавија дека Иванов по патувањето во Азербејџан ќе патува во Австралија, каде од 24 март до 4 април ќе има средби со македонската дијаспора, што засега не е потврдено од неговиот Кабинет.

Иванов одби да му го додели мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев кој собра 67 пратенички потписи како доказ за парламентарно мнозинство. Според Иванов, тој нема да го предаде мандатот на „некој што преговара за платформи со кои се урива унитарноста на земјата“. Повеќе меѓународни институции и претставници го повикаа Иванов да ја преиспита својата одлука и да постапи според она што му го налага Уставот и да го додели мандатот на кандидатот кој обезбедил мнозинство во парламентот. Сепак, тој вчера повтори дека пречките за доделување на мандатот, според него се уште не се отстранети.



Comments are closed.