Од:

Избори 2016: ДИК им ги врачи уверенијата за мандати на партиите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска им ги додели уверенијата на претставниците на политичките партии за освоените мандати од изборите кои се одржаа на 11.декември.

Претседателот на ДИК воедно информираше дека конечниот изборен извештај денеска ќе биде доставен и до Собранието и до Агенцијата за медиуми, по што Трајко Вељаноски најдоцна до сабота на полноќ треба да свика конститутивна седница на новиот парламентарен состав и да претседава со неа.

Коалицијата предводена од ВМРО- ДПМНЕ освои 51 мандат, СДСМ и коалицијата 49, ДУИ има 10 мандати, движењето БЕСА освои 5 мандати, Алијанса за Албанците 3, додека Демократската партија на Албанците освои 2 мандата.

Стефан Богоев од СДСМ, во име на партијата рече дека тие очекуваат конститутивна седница што поскоро.

– Час поскоро да се свика Собранието на конститутивна седница за што побрзо да се формира нова Влада. Граѓаните гласаа за промени и тие сакаат да видат промени, за конечно Македонија да тргне напред, изјави Стефан Богоев кој како претставник на СДСМ ги подигна уверенијата.

Арбер Адеми, претставник на ДУИ, порача дека партијата очекува сите да се фокусираат на враќање на земјата на европскиот пат.

– Благодарност до ДИК и до ОБСЕ/ОДИХР за начинот на кој беа спроведени изборите, а како партија очекуваме од сите да се фокусираат, да се спроведат сите реформски процеси и земјата да се врати на европскиот пат. Пред нас има важна работа и очекувам сите институции да се конституираат и да работат за доброто на сите, изјави Адеми.

Претседателот на државата е должен, во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на новата влада да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

Мандаторот потоа во рок од 20 дена, до Парламентот поднесува програма и го предлага составот на Владата.