Од:

Избори во Франција: Ќе победат ли вредностите на Републиката

Денот на изборниот молк во Франција, на 24 часа пред решавачката претседателска битка,  не ги заобиколи новите тензии и изненадувања. Силниот фаворит, центристот Макрон сега е пред нов предизвик- како да се победи, а притоа, да се игнорираат провокациите кои преку хакерските напади на неговиот изборен штаб.

Од дописникот на НОВА од Париз, Биљана Секуловска

И тоа не е се- документи и мејлови од неговиот штаб, во оптек се СМС пораки, кои се објавени на Твитер, на кои тој ги повикува своите приврзаници на убивање на Марин Ле Пен, неговата ривалка. Нема сомнеж дека тие СМС пораки се лажни- велат овдешните медиуми, но целата таа нова војна, која наликува на американските избори, го свртува вниманието повторно кон Русија и нејзината (не)вмешаност.

Демонстранти против Ле Пен којашто се поврзува со Русите и општо екстремните конзервативни вредности

Конечно, сомнежите за позадината на хакерите кои влегле во системите на штабот на Макрон, се темелат врз фактот што користат слични методи како оние со Хилари Клинтон и Демократскиот национален комитет.

Само пред некој ден, Макрон излезе со тужба за онлајн шпекулациите дека тој поседува оф шор компанија на Бахамите, информација која и на дебатата Марин Ле Пен ја стави на маса, прашувајќи дали е таа вистинита и со тоа ги подгреа страстите. Макрон сите тие шпекулации ги нарече лажни вести а порталите очигледно се врзани за одредени интереси, а сомнежите повторно се фокусираат на руските подземни игри.

Сепак, утрешниот ден веќе ќе биде јасен сигнал- дали ќе се исполнат очекувањата огромен дел од гласачите практично да гласа против екстремната десничарка, лидерката на националниот фронт Марин Ле Пен и оттука и против национализмот, а за- 39 -годишниот Емануел Макрон, лидер на “Напред”.

Конечно, тој беше поддржан и од Републиканскиот кандидат Фијон, како и од Социјалистот Амон, како поддршка за последен удар кон Ле Пен, но во исто време, тој е перципиран и доживеан како елитист, со никаков допир до вистинските потреби на граѓаните, истата слабост која и се припишуваше на Хилари Клинтон.

Сепак, она за што гласа утре Франција е одбрана на вредностите на француската Република- слободата, еднаквоста, братството, конечно, тоа е гласање за Републиката, за демократијата, олицетворена во Емануел Макрон.