Од:

Извинете, господине Ахмети

Правото на Албанците да говорат на својот мајчин јазик, затоа што на него сонуваат,  никој нема право да го оспори. Но, извинете господине Ахмети, вие повеќе немате кредибилитет тоа да го барате, затоа што вие повеќе не говорите на истиот јазик со нашите сограѓани, Албанците.

Во светот на политиката, секогаш доаѓа време да се испорачаат сметките, макар и историјата ги прокнижила. Но знам, сега вие со потсмев гледате на оваа стара реваншистичка поговорка, и можеби и во право сте.

Денешната историја на окупација на авторитарно лидерство низ светот- Путин, Ердоган, Орбан, поголемиот дел балкански лидери, покажува само едно- мудрувањето со големите сметководителски порамнувања можеме да ги ставиме под тепих, потоа безмилосно да го разгазиме, додека не фати пајажина и мувлоса, а ние со него да се збербатиме, како благодарност од него, што сме станале едно- помодрени и бескорисни во зачистувањето на дебаклот од историја.

Видете само што е пред нас, каква историја: сметките се трупаат, светот наликува на разбеснета балканска пијана и тетурава крчма, пресликана реплика на класичен српски филм, каде изјавувањето на љубов е строго со испишување порака со прст натопен со крв. Откако омразата ќе ги земе своите жртви, лесно е да се изјавува љубов од она што преостанало.

Во такви услови, се разбира дека само под такви околности, Али Ахмети може на цел глас да проповеда, да ечи цела Европа, зарипнат, како да е во прашање пропадната визија на Фукујама за крајот на светот, значи само Ахмети може да дели лекции по голема правда и човекови права.

Прилично задоцнето, Ахмети потроши толку време, толку промашени години во коалиција со Груевски и никогаш не се сети, не ни помисли да му испорача некаква Платформа во која овие фер и чесни барања за албанските права ќе бидат ставени на маса за дебата а потоа и едно по едно, имплементирани.

Освен она барање за геноцидот што не е јасно, мајката, да се донела некаква Резолуција во Парламентот, со извинување за некаков геноцид врз албанскиот народ во Македонија од 1912-1956.

А притоа, албанските лидери, потписници на Платформата, забораваат да испорачаат извинување во истата Платформа, но во која ќе бидат апострофирани Груевски и Ахмети, за истребувањето, покосувањето на сите граѓани во оваа земја, како последица од теророт на нивното владеење.

Сега, токму сега, кога Македонија се наоѓа на животна, историска раскрсница, баш сега, кога Груевски мора да биде испратен на буништето на историјата, и тоа директно преку СЈО, Ахмети ја препозна вистинската временска рамка да уценува, мавтајќи со албанските барања, наместо приоритетен фокус да биде ставен на функционирањето на СЈО и со тоа на ослободување на заробената држава.

Е да, Ахмети многу добро знае дека расплетувањето на кризата зависи од улогата и силата на СЈО, дека албанските суштински барања за еднаквост и праведност се врзани, преплетени и можни со еднаквоста, праведноста, братството и слободата во секоја смисла на зборот.

Макијавели, таткото на владетелите

Овие животни барања на Ахмети, кој се однесува во стилот на голем државник и патриот за албанското прашање, ме потсетуваат на едно предупредување на Макијавели, во неговиот “Владетел”:

“А кој мисли дека новите добрини кај големите личности овозможуваат да се заборават старите навреди, се лаже”.

Во оваа книга, има посебно поглавје за двојката Груевски- Ахмети, кои повторно сонуваат да бидат заедно, како ништо никогаш да не било, особено нивниот печат на владеење. Што вели Макијавели во ова поглавје: “За оние кои со злосторства дошле до владетелство”

“Сепак, не можат да се наречат добродетели…издавањето на пријателите, неодржувањето на дадениот збор, отсуството на сочувство и вера. Сето тоа може на човека да му донесе власт, но не и слава.”

И така, Ахмети можеби повторно ќе дојде на власт, но славата ќе мора да ја добие само преку СЈО, стравот кој го парализирал и за кој е подготвен да ја продолжи оваа агонија, заканувајќи се со нови избори и нови копнежи за власт.

Правото на Албанците да говорат на својот мајчин јазик, затоа што на него сонуваат,  никој нема право да го оспори.

Но, извинете господине Ахмети, вие повеќе немате кредибилитет тоа да го барате, затоа што вие повеќе не говорите на истиот јазик со нашите сограѓани, Албанците.

Тие на овие избори ви рекоа збогум, на најубавиот можен јазик на овој свет.