Од:

ЈСП крие документи од тендерот за е-билетите во автобусите

Случајот со е-билетите на ЈСП продолжува да внесува нејаснотии за начинот на кој е избрана фирмата „Гентомар“. Јавното сообраќајно претпријатие го одби барањето на НОВА да добие увид во документите со цел да провериме како компанијата „Гентомар“ која доби еден од тендерите за е-системот на ЈСП, докажала дека ги исполнува критериумите за да победи.

НОВАТВ сакаше да провери како фирмата која е мастер дилер за продажба и надополнување на картичките во автобусите ги исполнила критериумите кои ЈСП ги барале за да го одберат најповолниот понудувач иако истата не постоела долго време пред тендерот.

Во одговорот на ЈСП е наведено дека ова претставува класифицирана информација и поради тоа не можат да дозволат увид во тендерската документација на одбраниот најповолен понудувач. Не е јасно како е донесена одлуката за оваа информација да се класифицира, кога истите информации граѓаните можат да ги слушнат и на отворањето на понуди каде што не само новинари, туку и граѓани имаат право да присуствуваат. На отворање на понуди на пример, се отвора целата документација на понудувачите или истата онаа која сега НОВАТВ ја бара од ЈСП.

Побаравме да ги добиеме документите со кои „Гентомар“ ја докажала својата техничка или професионална способност за добивање на тендерот.

„Од страна на ЈСП Скопје разгледано е барањето и одлучено е делумно да се одбие, поради следното: Согласно Член 6 став 1 точка 1 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер имателите на информации можат да го одбијат барањето за пристап до информации од јавен карактер во согласност со закон ако информацијата се однесува на информација која врз основа на закон претставува класифицирана информација со соодветен степен на тајност“, се вели во нивниот одговор. Решението е потпишано од директорот на ЈСП, Игор Јанушев.

НОВА во претходна сторија пишуваше за фирмата која го добила тендерот од ЈСП за да стане мастер дилер за продажба и надополнување на е-картичките за градскиот превоз. „Гентомар“ е тешко е да се пронајде на Интернет, како и на адресите кои за неа се достапни во Централниот регистар и Електронскиот систем за јавни набавки. Ја баравме на повеќе адреси кои ги посетивме, но не можевме да ја пронајдеме. Ја нема ниту во телефонскиот именик, каде не може да се најде телефонски број за контакт.

Сепак според огласот за договорот кој го добила таа треба да има сериозни капацитети за да го реализира истиот. Требала да покаже сертификати од најмалку пет сертифицирани сервисери за сервисирање и одржување на опремата, доказ дека располага со сопствен повикувачки центар во кој има вработено најмалку 10 оператори и други технички услови. Овој тендер отвори сомнежи за транспарентноста на постапката и поради фактот што истата е формирана малку повеќе од една година пред да го добие овој тендер.

Токму поради тоа, побаравме увид во документацијата со која оваа компанија ги докажува своите професионални капацитети за да го реализира тендерот кој го добила за да стане мастер дилер за продажба и надополнување на е-билетите за превозот во главниот град.

Самата фирма барала што да биде класифицирано

Интересно е што добивме и документ во кој самата „Гентомар“ побарала да останат доверливи сите информации, освен финансиската понуда. Тие според нивното барање треба да бидат доверливи се до периодот на нивното уништување.

Нејасно е како може самата фирма да бара од институцијата да биде класифицирана информацијата која што самата треба да ја докаже пред неа? Како граѓаните ќе знаат детали за јавните трошења, доколку фирмите сами ги прогласуваат за тајна информациите за тоа дали ги исполнуваат капацитетите за да добијат некој тендер?

Се консултиравме за постапката и со вработени во Електронскиот систем за јавни набавки. Оттаму ни кажаа дека нема причина зошто да не добиеме увид во документацијата која ја бараме, со оглед на тоа што не би требало да се работи за класифицирана и тајна информација и не упатија да доставиме жалба на одлуката на ЈСП.

Директорот на ЈСП, Игор Јанушев на прес конференција пред околу еден месец рече дека не знае каде е фирмата избрана за е-картичките од страна на ЈСП.

„Претпоставувам треба да се обратите во фирмата и во Централен регистар за да ја најдете. Не е прашањето да се постави до мене или ЈСП Скопје, сепак тоа е приватна фирма која со ЈСП Скопје соработува. За ЈСП Скопје е најбитно да се спроведуваат обврските кои се дадени во договорот и сега за сега фирмата постапува согласно договореното, обврските и тоа што сме го побарале. Каде се наоѓа нејзиното седиште може да проверите во договорите“, рече Јанушев.

Освен „Гентомар“ на тендерот се јавил уште само еден здружен понудувач составен од компаниите„Виста груп“ и романската „Кернел“. Сопственичка на IT компанијата „Виста груп“ е извесна Ана Анчевска, а дел од нејзиното име е исто со компанијата „Виста процесинг“, која го доби бизнисот за Националната платежна картичка во вредност од три милиони евра, за само една година подоцна да отиде во стечај. НПК стана еден од најголемите скандали во времето кога министер за финансии беше Никола Груевски. Случајот никогаш не доби завршница и до денеска не е познато каде завршија парите дадени за оваа електронска картичка. НОВА пишуваше дека според податоците од Централниот регистар, сопственик на компанијата „Гентомар“ е Боби Кузмановски, кој пак претходно бил вработен во компанијата „Бизнис инвестмент груп“ – компанија во сопственост на Стефан Пулејковски и Благој Јовчевски.

Пулејковски преку „Виста процесинг“ заедно со Дарко Дулиќ (син на експратеничката Благородна Дулиќ) во 2002 година го доби милионскиот бизнис на НПК, каде шеф бил тогаш министерот за финансии, Никола Груевски. Директор на НПК, пак, беше Владимир Мијалков, братучедот на Груевски кој денеска е советник на директорот во Царината.