Од:

Каде тргнавте, Заев и Димитров?

Нека живее и понатаму омразата, за тоа сонувавме откако замина Груевски, зарем не?

Понудете омраза, истоварајте ја пред нашите врати, посипете не со неа, напикајте ни ја во грло, нека биде нашата нова коска, нашето проголтано, изџвакано влакно од коса, нека никне дивото месо на Горан Стефановски, нека проплука крв од мака Милица Стојанова, таа знаеше, ние знаевме, и пак никој не дозна колку омразата ќе не сотре. Вакви, никакви, кои ниедно идно време не може да ги одвлече од омразата.

Ајде, да продолжиме да ги мразиме сите- сега мора да се мрази истата страна. Омразата мора да преживее. Тоа е нашиот македонски специјалитет- посебен круг на пеколот.

Албанците знаат дека смеат да бидат само клети Шиптари, хомосексуалците не смеат да имаат право на живот, љубовта не живее овде за никого што нема дозвола од оние кои знаат само да мразат, од тоа е и создадена оваа земја овие години на владеењето на Груевски.

Дајте да мразиме некого, земете ги советниците на Заев, зарем не мора да дојдат од редовите на груевистите, зошто не може Шарените да ги закопаме живи, нека гнијат во нашата омраза.

Никој не ги заборава новинарите кои сега ја критикуваат новата власт, тие остануваат платеници- но сега на другата страна, соголени, ничкосани, родени за да бидат мразени.

Тука е и Мухамед Зекири, омразата сега мора да опстане, во прашање е Куранот на кој тој сега се повикува кога хомосексуалците се во прашање, но зарем тој, зарем Куранот забранува право на живот, нека се гонат додека не липсаат и издивнат поинаквите од оние што забрануваат да се живее. По редот на нештата мразењето му следува и на Славчо Димитров, потоа ја запишуваме Ирена Цветковиќ, зарем е ова малку омраза на вашето мени утринава, господа? Не играјте си со оган, не смее никој да го преиспита Куранот, ниту Библијата, ние не смееме да разговараме, омраза или смрт, тоа е нашата единствена кама и заклетва.

О, како е добро да се мрази денеска и засекогаш, како низ вековите, на пример, е да, земете ја една Бугарија, зарем задоволството не е преголемо, предизвикот зарем не ви трепери во градите?

Одиме со омразата, само таа ни остана после Груевски, тој ни ја засади, негуваше, милуваше. Немојте да го разочараме, немојте да бидеме поинакви, мразењето е нашето старо писмо, ние не знаеме поинаку да се потпишеме.

Превиткајте го Договорот за добрососедство, нека го потпишат Заев и Борисов ако сакаат, ама само дома, за нивните огништа, истуткајте го пред нозете на Никола Димитров, зарем не беше планот да се мразиме довека и да останеме сами, затоа што само тоа го  заслужуваме?

Фино изгланцајте ги сега чевлите, одиме во Грција, таму тргнале и Заев и Димитров, таму сега ќе им плукнеме на нивните гробови, бугарските ги полеавме со нашата омраза, не собира место повеќе.

Омразата кон добрососедството мора да продолжи, издржете, мразете, што друго знаеме откако Груевски ни ја всади таа проклета омраза?

Некако незгодно ви станува, се комешкате, останаа Србија и Косово, уште толку остана од омразата кон добрососедството, дајте нив да ги домразиме, па да се разидеме изобличени, тажни, никакви.

Добредојде омразо, така говореше Груевски.

Има ли место за нов наслов во новинарството освен за омразата, или ќе мора да го чукам со чекан на камен, да го пишувам ако треба со денови и месеци, за да го видиме, врз секоја куќа, порта, за да почнеме од почеток.  Макар од пештера излегле, но со чеканот во раце, како што и личи на една првобитна заедница, која омразата и е се што има, а ги изгубила попат сите други букви, за кои чула дека ги користи светот, па не знаеме да ги напишеме, ниту да ги прочитаме. Ниту да засакаме некого друг, освен омразата и освен самите себе. Мора да има начин.

 

 

 



Comments are closed.