Од:

Како да се остане жив

Да не даде господ (зашто само тој ни остана)да се случи некоја хаварија, поголема сообраќајна или авионска несреќа. Што ќе правиме тогаш? Во Македонија нема Центар за изгореници! Единствениот кој што е во состав на Градската хируршка болница„Св. Наум Охридски“, не функционира веќе една година. Скапо им е одржувањето на операционата сала и на двата специјални кревети за таа намена и уште два други, сето тоа добиено на подарок од  јапонската влада во 2000 та година. Не само што не функционира, туку велат дека Центарот е претворен во магацин.

Поминав деновиве таму, во дворот од задната страна каде што е влезот на Центарот полно е со прашина, машини за мешање малтер, работници кои работат на реконструкција на болницата. А, тоа е делот каде што особено треба да се внимава од инфекции. Директорката вели дека ќе проработи кога ќе заврши реконструкцијата на целата болница. А,  зошто не работи цела година претходна година, не кажа. Лекарите во болницата пак, велат дека за таков план не слушнале, дека Центарот за изгореници оди во историјата.

Колку само животи се спасија во тој Центар! Таму се лекуваа изгорените работниците од  Макстил и од други индустриски погони, луѓе што изгореа во пожарите во струмичко,  професионални војници,  многу деца со тешки изгореници беа спасени. Се обучуваа лекари, се формира Банка за амнионски мембрани, односно за обновување на кожата. Ова што се случува е навистина застрашувачко! Како можело да се дозволи да пропадне единствениот Центар за изгореници?

И во таква една ситуација, трите најголемите болници во државата не примаат и не оперираат пациенти. Односно примаат но, само итни. Тоа се тие случаи кои или имаат закажано термин  и чекале на ред со месеци или имаат мака но, лекарите им велат дека може да чека. Ако не им е ништо зошто инаку би им препорачале операција? И кој е тој лекар што може да им гарантира дека нема да се случи ништо лошо во меѓувреме?

Но, да објаснам по ред.

Градската хируршка болница „Св. Наум Охридски“ се реновира и го редуцира приемот на пациенти. Добар дел од одделенијата се затворени или се префрлени по неколку кревети на други оддели. Колку за без ич. Но, работата се развлече. Пред два месеца министерот Тодоров најави дека наскоро ќе се затвори цела болница и сите пациенти ќе се пренасочуваат во болницата „8 Септември“.  Која болница? Таа што нема доволно медицински сестри и што затвори неколку одделенија и четири од вкупно седум операциони сали? Таму каде што директорот јасно и гласно кажа дека ќе се оперираат само итните случаи, а другите ќе се враќаат?

Огромниот гигант, болницата која е наследник на поранешната Воена болница веќе бревта, ги испушта последните сили. Може да се случи да стави и клуч на врата.

Хаос! Кога сфати што се случува  Тодоров барал од болницата „Св. Наум Охридски“ да им „позајмат “ на „8 Септември“ 25 медицински сестри. Ама, ништо од тоа. Сега, наводно се растрчале во министерството за здравство, барале излез ,ама резултат нема. Пропадна конкурсот за прием на 60 медицински сестри(а, им требаат 180)пропадна и финансиската согласност.

И сега, кога двете најголеми болници не примаат пациенти, затвораат одделенија погледите се вперени кон скопските клиники. А, таму веќе знаете. Клиниките кубурат со основни лекови и медицински потрошни материјали. Нема основни лекови, материјал за операции како колена, колкови, штрафови, гипс за скршеници, ортопедија оперира само итни случаи. И таму пред извесно време ги затворија операционите сали бидејќи немаа со што да оперираат.

И сега? Каде ќе одат да се лекуваат или оперираат граѓаните кои редовно си плаќаат здравствено осигурување? Која е политиката на оваа власт? Која е логиката на сето ова?  Полека да пропадне јавното здравство, за сметка на приватното?  Зашто, друга логика не гледам.  Тој што има да плати ќе преживее, а другите додека можат да издржат. Толку може ова здравство. Во држава која се декларира како социјална! Да, ова е Македонија и тука треба голема среќа да се остане жив!