Од:

Како Јолевски ја продаде приказната за просперитет во Македонски брод

Новатв открива како жителите на еден од најсиромашните градови во Македонија беа излажани дека кај нив доаѓа познат производител на оружје од САД кој ќе донесе пари и просперитет преку вработувањата во фабриката за оружје која ќе го снабдува дури и НАТО и САД. Но ниту Јолевски ниту Груевски не кажаа дека инвеститорот е локален продавач на оружје во САД со една продавница, налутени соседи и многу јавно искажани лаги. 

Груевски вети дека од цигла до покрив фабриката ќе биде изградена до мај годинава, а првото производство со печат „Made in Macedonia“ ќе почне во јуни. Првичната инвестиција беше најавена од 5 милиони евра, а во следните години да се развива и зголемува.

земјштето во Македонски Брод каде требаше да се изгради фабриката

Шест месеци подоцна, на посочената локација во месноста Крапа во Македонски Брод, има само ливада на која пасат крави и остаток од тоа што беше камен темелник и место каде се фрлија првите лопати. Нема ни трага од големата инвестиција која беше најавена пред изборите.

„Од сето тоа што го направија, ископаа една дупка и им ветија на граѓаните за да гласаат на изборите за ВМРО-ДПМНЕ дека ќе направат фабрика за оружје и до 31 мај 2017 требаше да почне со работа. Ама еве, и претходно ветија на ова исто место дека ќе изградат други фабрики, за гуми, за пластика и на крај за оружје. И од сето тоа нема ништо, ливада на која пасат крави“, вели Горан Трајановски, претседател на месна заедница Крапа.

камен темелникот во месноста Крапа, Македонски Брод

Американскиот инвеститор „Броадстоне дефенс“ како идеална локација за фабриката во Македонија ја одбрал општината Македонски Брод. Опколена со планини од сите страни и со километри далеку од населено место. Земјиштето каде што требаше да се гради е на Република Македонија, а инвеститорот 100.000 метри квадратни го купил на аукција по цена за едно по квадрат.

„Целосно ја исплатија сумата за локацијата и платија данок на промет само требаше да се потпише договорот. Тие беа подготвени за 45 дена да ја подигнат фабриката и да започнат со работа, што за нас ќе значеше многу“, вели за НОВА ТВ , Милосим Војнески – градоначалник на Македонски Брод.

Стартот на градежните работи Американците со амин на претходната влада ги почнаа без имотен лист. Антикорупциската комисија се изјаснила дека договорот не смее да биде склучен во време на предизборие и се додека не се формира нова влада. Позитивно мислење за отуѓување не дал ни Државниот правобранител. Но, и покрај сите забрани, локалната самоуправа предизборно веќе направила список со 200 лица кои требало да бидат вработени во фабриката.

„Луѓето во градот гледаа тука надеж и имаше многу што поверуваа, иако и тогаш се укажувавме дека тоа е невозможно тоа да биде остварено. Бидејќи на тој простор таму, во тој момент немаше ни инфраструктура за да се направи еден таков објект, а времето за кое што се најавуваше и типот на фабриката знам дека е невозможно за толку краток период да биде изградена и воопшто пуштена за употреба“, изјави Анета Симеска – Димоска претседател на О. О. на СДСМ во Македонски Брод.

„Дури кажуваа дека имало списоци на луѓе на кои им гарантирале дека ќе почнат да работат. Дури некои се тепале кој прв, кој втор на списокот. И од армијата имало список, кои сакале да се вработат во фабриката. Па нека дојдат сега да видат што ќе направеа ако си заминаа од АРМ“, додава Горан Трајковски.

планот за фрабриката остана на хартија

Во име на инвеститорот во Македонија по изборите интензивно доаѓаше Денис Прат кој е еден од сопствениците на американската фирма.

„Интересот е што локацијата одговара, прво не треба да има населено место од 5 километри од таа фабрика. Како основач на фирмата е генерал Џонс, кој бил во НАТО, беше фрапиран од локацијата кога дојде тука и нивниот проект покрај изградбата на фабриката има предвидено и мала писта за карго авиони да доаѓаат и оттука производите да се носат со авионски превоз“, објаснува градоначалникот.

Американскиот инвеститор со седиште во офшор зона 

Сопственици на американската „Броадстоне дефенс“ се седум луѓе, а меѓу нив и офшор компанија со нејзанјни газди. Македонската „Броадстоне секјурити“ е регистрирана во мај минатата година. Освен „Броадстоне секјурити“, во август лани во земјава се регистрирани и фирмите „НОВА Армс“, „Сеидо амунитејшн“ и „Броадстоне тактикл“.

Зоран Јолевски на ставање на камен темелник (7 декември 2016)

Како седиште на американската „Броадстоне дефесне“ се појавуваат две локации. Едната во Вашингтон, а другата на држава позната како даночно прибежиште Saint Kitts and Nevis, која се протега на два острова, а чии соседи се Британските девствени острови.

Градоначалникот на Брод вели дека бидејќи се одолговлекле работите прекинале контактите со американскиот партнер. Но, сега откако се формираше нова влада, до општината стигнало позитивно мислење од Државниот правобранител дека земјиштето може да се отуѓи.

„Точно дека се разочарани инвеститорите меѓутоа не по наша вина, такви се законските прописи, а нотарот не сакаше да го завери договорот без согласност од Државниот правобранител. Не беше предизборно ветување туку вистинско ветување. Но, се разочараа бидејќи чекаа седум месеци, а во јули требаше да почнат со производство и да потпишат 30. годишен договор со НАТО. Сепак сум оптимист дека ќе дојдат и ќе ја градат фабриката“, вели Војнески.

Во секој случај, оваа несудена инвестиција му донесе гласови на ВМРО-ДПМНЕ, од луѓе кои се надеваа дека денеска ќе ги правеа првите куршуми и пиштоли на оваа ливада.

„Тоа беше една голема лага, на која се надеваа граѓаните, бидејќи тоа единствено мора да бараат начин за егзистенција. Им беше кажувано дека ако дојде СДСМ на власт дека таа фабрика нема да профункционира што се покажа дека не е точно. Тоа беше манипулација на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во тој момент така како што тие ја немаа поддршката во градот“, Димеска од СДСМ.

НОВА ТВ дојде до информација дека сопствениците на фирмата денеска ќе одржат состанок за да се договорат за идните чекори во однос на инвестицијата во Македонија. Од нивната одлука зависи дали навистина ќе никне фабрика за оружје среде Македонски Брод или пак Американците ќе ја тужат Македонија на меѓународен суд.

„Големиот“ бизнисмен во Македонија, конроверзен во САД 

Но кои се навистина американските инвеститори? Екс премиерот Груевски и министерот за одбрана Зоран Јолевски кои лично се среќаваа со Денис Прат, директорот на „Броадстоан дифенсе“, тврдеа дека Прат и неговата фирма се големи производители на оружје во САД. Но, фирмата „Броадстоан дефенсе“ е формирана во САД наменски за да инвестира во Македонија. Единствениот контакт со оружје на Прат во САД е преку неговата продавница за оружје. Минатата пролет го следеле и скандали во врска со продавницата во Арлингтон, населба во Вирџинија која е оддалечена едвај десетина минути од срцето на Вашингтон.

Денис Прат

Тој се карал со соседите демократи кои не сакале да се продава оружје во близина на детска градинка. Но, Вашингтон Пост пишува и дека лажел, дека продавницата не е негова, туку на неговата ќерка, во тоа време малолетник во средно училиште кој не би можел да добие лиценца за отворање фирма. Потоа ги тужел сите соседи кои се потпишале на петицијата, а на крајот се откажал и рекол дека нема време и за продавницата и за бизнисот кој го чека во Македонија.

Како, еден обичен дилер на оружје е претставуван како сериозен производител кој ќе ги наоружува НАТО и САД останува да објасни Јолевски, човекот кој помина долго време во Вашингтон и кој како министер за одбрана би требало да ја знае разликата помеѓу продавница и фабрика.

Пишува: Маја Јовановска

Во истражувањето помогна: Алексеј Демјански



Comments are closed.