Од:

Калифорнија го легализира канабисот во рекреативни цели

 

Калифорнија, Масачусетс и Невада го легализираа канабисот. Пред гласањето, рекреативната употреба на канабисот беше легална во Аљаска, Колорадо, Орегон и Вашингтон.

Со овој чекор, процентот на Американци кои живеат во државите каде користењето на канабис е легално, се зголеми од пет на 20 проценти.

Ерл Блуменауер, претставник на Демократите во Орегон, кој е и поддржувач на легализацијата, изјави дека ова ќе биде дополнителен притисок врз Владата да го третира канабисот како алкохолот, дозволувајќи и на секоја држава да одлучи како ќе го регулира.

„Новата администрација нема да сака да ја продолжи оваа токсична и непродуктивна војна против дрогите“, изјави Блуменауер.

Законодавците имаат една година за да ги усогласат правилата за регулирање на индустријата со марихуана. Со усвоениот предлог, им се дозволува на сите кои имаат над 21 година да користат марихуана во своите домови и можат да поседуваат до 28.5 грама марихуана, а ќе можат да одгледуваат до шест растенија во своите домови.

Предлогот, исто така, и дозволува на државата да зема даноци врз основа на одгледувањето и продажбата на марихуаната, а градовите и општините во сојузната држава да ја одредат нивната висина.

Инаку, половина од 50-те американски сојузни држави веќе ја легализираа медицинската употреба на канабисот за одредени пациенти.