Од:

Каменоломите во струшко Лабуништа еколошка бомба за регионот

Пишува: Мики Трајковски

Додека во главниот град политичарите се надмудруваат за висока политика, во внатрешноста на државата граѓаните се соочуваат со прашања кои за нив живот значат. Жители на некогашната општина Лабуништа во близина на Струга, веќе неколку години се обидуваат да го решат проблемот со неколку каменоломи кои се наоѓаат во оваа област, а кои сериозно го загрозуваат здравјето на луѓето и животната средина. Ако се знае дека во Лабуништа живеат околу 8000 жители тогаш доаѓа дека на секои 1000 жители има по еден каменолом, бидејки во атарот на селото се регистрирани осум каменоломи, од кои според кажувањата на локалното население само четири биле со дозвола за градба.

За ситуацијата да биде уште пострашна некои од каменоломите се наоѓаат на само педесеттина метри од првите куќи. Секојдневно се крева и голема прашина, а се слушаат и силни детонации кои доаѓаат од нив. Последниот обид за отварање на ископ беше во срцето на планината Јабланица, во месноста викана Стрижак. Но, по реакцијата на жителите на социјалните мрежи и медиумите, ископот беше стопиран и вратен во каква таква првобитна состојба. Граѓаните од Лабуништа пак, велат дека сега истиот повторно се активирал, иако Јабланица важи за недопрена природа и место кое е доста посетувано од љубителите на природата.  Тука се наоѓаат и познатите Лабушки бачила, каде се наоѓаат викендици.

Исто така, големи површини од ридот над селото се ископани и претворени во голи површини што сериозно влијае врз сликата на целата околина . Сликата од овој крај е навистина загрижувачка. Ако само малку се прошета од влезот на Лабуништа до неговиот излез на патот кон селото Боровец ќе се види една лоша еколошка порака која се остава.Наместо живот селото е претворено во вистински бизнис рај за вакви ископи. Лабуништани и со право реагираат, бидејки тоа е место кое на секои избори одлучува за победникот во Струга. Но политичарите овде доаѓаат само пред избори за време на нивните кампањи со ветувања и давање на лажна надеж, за потоа да ги остават овие луѓе да живеат во нивното секојдневие.

Меѓу граѓаните постојат сомнежи дека има зголемувањето на лица заболени од канцер во Лабуништа и околните населени места.Бизнисменот Мевмед Џемаилоски од соседното село Подгорци во една прилика изрази сомнеж дека можеби како резултат на загадувањето со прав почнал да се појавува еден феномен кога одеднаш многу млади луѓе почнале да заболуваат од тешки болести и дека некои починале од рак.

Засега нема никаква реакција од државните и локални институции за овој пролбем. Иако уште минатата година беше формирана локална комисија во Струга составена од градски советници и општински инспектори која требаше да ја утврди фактичката состојба на терен, односно колкава е бројката на каменоломи на подрачјето на цела општина Струга и какво е нивното влијание врз животната средина, истата до ден денес не профункционира и воопшто не излезе на терен.

Жителите веќе подолго време реагираат и бараат да се прекине со издавање на дозволи за отварање на нови каменоломи. Бараат од институциите, но и политичарите наместо само да тераат партиски агенди да најдат начин да го решат овој сериозен проблем, кој добива се поголеми размери и кој полека но сигурно прераснува во еколошка бомба за регионот. Се надеваат дека политичката криза и локалните избори нема да бидат пречка да се најде решение.

Претседателот на еколошкото здружение Натура Лаб, Алим Салоски вели дека до нив пристигнувале информации дека  веќе биле доделени нови концесии за отварање на каменоломи и оти затоа треба да се вклучи алармот за тревога и да не се дозволи тие каменоломи да проработат.

„Апсолутно институциите на државно или локално ниво мислам дека не функционираат“, вели Салоски.

Лабуништани се закануваат дека ако нема разрешница на проблемот односно не дојде затворање на каменоломите и не се прекине со издавање на дозволи за нови каменломи и ќе  преземат поригорозни чекори како што се протести или граѓанска непослушност.

Од Министерството за економија велат дека во атарот на општина Струга биле доделени 17 концесии за експлоатација на минерални суровини.Тоа значи дека каменоломи освен во Лабуништа има и во други населени места во струшко.