Од:

Кандидати за полицајци: МВР да каже зошто ни беа вратени договорите

Десетина кандидати за полицајци денеска се собраа пред Министерството за внатрешни работи за да го искажат својот револт поради тоа што им биле вратени договорите, а на нивно место биле примени нови кандидати.

„Денеска сакаме да ја информираме јавноста за неправдата која е извршена врз нас. Сакаме јавно да ги кажеме пропусти и неправди кои се направени на повеќе кандидати кои се пријавија на конкурсот за полицајци. Имено наместо лица кои веќе имаат потпишано договор за започнување на обуката, на нивно место беа повикани други лица кои немаа потпишано ни договор, туку само анекс. Постојат и кандидати кои се пријавени на конкурсот, беа повикани да потпишат договор, но од непознати причини договори не им беа дадени. Голем број од нас дадоа отказ на работните места, факултетите ги ставивме во мирување, после неколку месеци оставени во исчекување, стрес и психичко малтретирање, договорите ни се вратени без никакво образложение“, велат кандидатите за полицајци.

Тие апелираат до министерот да им помогне во решавањето на проблемот. Кандидатите за полицајци најавуваат дека ако нивниот проблем не се реши, тие ќе започнат правна постапка. Како што велат кандидатите, досега не добиле никакво образложение зошто им биле вратени договорите.