Од:

Катица Јанева ќе реферира за извештајот на СЈО во Собранието

Откако Специјалното јавно обвинителство соопшти дека е изготвен втор извештај за неговата работа во период од шест месеци (15.03-15.09.2016), Катица Јанева вели дека е подготвена да го презентира лично пред пратениците во Парламентот.

„Во оваа насока, а со цел интензивирање на воспоставената соработка меѓу Собранието на Република Македонија и ова Јавно обвинителство, ја изразувам својата подготвеност во периодот од 19 до 30 септември 2016 година, да го презентирам Вториот извештај за активностите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за период од шест месеци, пред надлежните работни тела на Собранието на Република Македонија.“, се вели во соопштението на СЈО.

Согласно Законот за СЈО, Јанева е должна на секои шест месеци да достави извештај за својата работа со Советот на јавни обвинители и Собранието на РМ. Сепак законот не налага Јанева лично да ја образложува својата работа и таа по првите шест месеци од постоењето на СЈО, не се појави со Собранието, туку само го достави извештајот. Токму поради тоа беше изложена на критики од пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кои бараа таа лично да го презентира извештајот и да одговара на нивните прашања.