Од:

Кавгата на Варшава и Брисел влегува во жешка фаза

Кавгата помеѓу Европската комисија (ЕК) и Полска влегува во жешка фаза.

Полска во вторникот ги испрати своите одговори на препораките што во декември и ги посочи ЕК и кои се однесуваат на реформата на судството и правната држава.

Сега Комисијата ќе ги проучи одговорите и ќе го каже својот став. Но отсега е јасно дека одговорот на ЕК нема да и се допадне на Полска. Одамна е исто така кристално јасно дека десната полска влада на партијата Право и правда веќе година и пол ги отфрла критиките на европскиот егзекутив. И го става под прашање авторитетот на Комисијата. Полска неделава соопшти дека реформите што се спроведуваат водат сметка за европските критериуми.

Но, ЕК смета дека судската реформа, и особено реформата на Уставниот суд, што Варшава ја спроведува е закана за правната држава. И тоа веројатно ќе го соопшти во извештајот што е најавен како одговор на полските одговори.

Комисијата најверојатно ќе го испрати полското досие во Советот а министрите во чии рамки земјите членки треба да одлучат што понатаму.

Опцијата која одамна се разгледува е активирање на членот 7 од Европската повелба. Со овој член и се одзема на Полска правото на глас во ЕУ.

Ова “оружје” го доби името “нуклеарно” и досега, во својата историја, ЕУ никогаш не прибегнала кон него. За ЕУ предност секогаш има дијалогот.

За активирање на овој член потребна е едногласност во Советот на министрите. А голем пријател на Полска во ова досие е унгарскиот премиер Виктор Орбан кој веќе стави на знаење дека нема да го даде својот глас. Што е очекувано ако се знае дека и Унгарија ги има истите разидувања со Комисијата поради непочитување на правната држава.

Полската влада не крие дека не ја сака ЕУ и со задоволство би распишала референдум за Полегзит или излегување на Полска од ЕУ. Но Полјаците се големи евро-ентузијасти и таквиот референдум не би имал успех за владеачката партија.

Полско-европската политичка серија е далеку од својот крај.