Од:

Километри колони автомобили на границата помеѓу Словенија и Хрватска

Километарски застои на сообраќајот се случуваат деновиве на границите во Шенген зоната поради зајакнатите анти-терористички контроли.

На границата помеѓу Хрватска и Словенија денес имаше огромни колони автомобили и камиони. Особено критична беше состојбата на преминот Брегана на двете страни од границата и патниците со часови чекаа да го продолжат патот. Колоните беа долги и поради почетокот на велигденските празници.

Двете земји се членки на ЕУ но Хрватска не е дел од Шенген зоната па тоа го предизвикува застојот.

Зајакнатите контроли почнаа на 7 април. Тоа подразбира системска контрола на секој патник кој сака да влезе во Шенген зоната. Мерката ја предложи Европската комисија по терористичките напади во Париз во ноември 2015 година и таа почна да се применува дури сега, откако беше одобрена од сите одлучувачки инстанци на ЕУ. Цел на контролите се лицата кои одат или се враќаат од Ирак и Сирија.

Хрватскиот премиер рече дека ова може да има негативни ефекти врз економијата:

“Не гледам ниту една безбедносна причина за да не се вратиме на нивото на контрола од пред 7 април”, изјави Андреј Пленковиќ денес.

Според новите мерки, полицијата треба да ја консултира базата на податоци за секој патник кој влегува во Шенген зоната вклучувајќи ги тука и жителите на земјите членки кои се дел од оваа, досега безгранична, зона. Досега жителите на земјите од Шенген покажуваа само лични карти.

Во мерките е предвиден е исклучок ако колоните се предолги. Бидејќи тоа беше случај Хрватска реши да ги забрза контролите а хрватскиот премиер изјави дека би сакал тоа да го направи и Словенија.

Словенечкиот премиер Миро Церар изјави минатата недела дека колоните се “неподносливи” и дека двете земји ќе поднесат предлози до Европската комисија за да се модифицира овој режим што е можно поскоро.

Хрватска и Словенија се на прагот на летната сезона кога стотици илјади туристи одат на море во двете земји па долгите колони би можеле драстично да го намалат приходот од туристите што двете земји го очекуваат.