Од:

Кирацовски:Вработени од РЕК Битола на митингот на ВМРО ДПМНЕ во Охрид

Фото Мета

Дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски денеска објави податоци од како што рече Трудовата инспекција за кадровски злоупотреби на вработени кои биле носени на митингот на ВМРО ДПМНЕ во Охрид на 21 ноември.

– Го добив извештајот од Трудовата инспекција, за кадровските злоупотреби во РЕК Битола на 21 ноември оваа година,кога на голем дел од вработените им било наложено, наместо на работа принудно да одат на партискиот митинг на ВМРО-ДПМНЕ кој се одржа во Охрид.

439 вработени од РЕК Битола, наместо на работа, принудно биле на митинг на ВМРО ДПМНЕ, односно пополниле – околу 10 автобуси.

За 361 од вработените, партиските шефови од ВМРО ДПМНЕ, отпосле се труделе да им вадат боледувања, да им потпишуваат слободни денови и одмор, но безуспешно.

На неколку пунктови со стотици вработени воопшто не се водела евиденција, што остава сомнеж дека бројот на принудно отсутни е двојно поголем, се вели во соопштението од Кирацовски.

Тој тврди дека во, како што вели, „пополнувањето на автобусите за митингот на владејачката партија“,учествувала и Агенцијата за привремени вработувања ЗЕТА од која неоправдано отсуствувале половина од вкупно 138 вработени.

– Денес до СВР Битола, лично до началникот поднесувам пријава за истрага во РЕК Битола, заедно со извештајот од Трудовата инспекција, за конечно да се потврди кој ги принудувал вработените, недолжни, наместо на работа да бидат на партиски митинг, истакнува Кирацовски.

Врз основа на пријавите на веб страната што тој ја отвори за пријавување на уцени, закани и злоупотреби на вработени во администрацијата, тој најави посети и соодветни пријави за злоупотреби до надлежните, за: Агенција за иселеништво на Македонија, Дирекција за заштита на лични податоци, Институт за стандардизација на РМ, Дом за доенчиња Битола, Општа Болница Велес, Центар за јавно здравје Прилеп, Шумска полиција, Македонски Железници, ЈСП Скопје како и за повеќе основни и средни училишта.