Од:

Кои се барањата на албанските партии?

Албанскиот да биде официјален јазик, бинационално функционирање на институциите, редефинирање на правниот и уставниот поредок во државата, продолжување на мандатот на СЈО. Ова се дел од барањата кои албанските партии досега ги изложија во јавноста како услови за да коалицираат во следната Влада.

Од партијата БЕСА за НОВА велат дека нивното централното претседателство решило дека тие имаат три предуслови за почнување преговори.

„Овие услови се под еден, во наредната Влада да нема лица кои се гонат од СЈО и од меѓународните судови, под два, да се отвори дискусија за целосно редефинирање на правниот и уставниот систем на државата и трето, владиниот договор да биде транспарентен за јавноста и временски ограничен“, вели Орхан Муртезани, портпаролот на БЕСА за НОВА.

Тие како партија ќе бараат карактерот на државата да не црпи корени само од македонската етничка заедница, туку и од другите етнички заедници, во случајов албанската заедница.

„Истото би се однесувало на државните симболи, институциите на државата и официјалниот јазик“, додава тој.

Од партијата ДУИ бараат албанскиот јазик да биде официјален јазик, целосно спроведување на Рамковниот договор, буџетот да се дели врз база на еднаквост, како и да се реши спорот со името и државата да се интегрира во НАТО.

Ахмети остави можност да не се формира Влада

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети во емисијата „200“ на Алсат М изјави дека тој им предложил на албанските партии план договор со кој како приоритет ќе биде албанската агенда и потпишување на заеднички меморандум потпишана од сите албански партии.

„Јазикот кој како поглавје остана незатворено требаше да се реши и не е прашање на услов туку е потреба за комуницирање, доближување на заедниците и не мислам дека ова е прашање кое треба да донесе судири помеѓу страните, туку јазичната рамноправност треба да ја поздрават сите заедници бидејќи се работи за почитување на Охридскиот договор и за почитување на Уставот“, изјави Ахмети.

Според него, прашањето на јазикот и прашањето на рамномерна распределба на буџетот не е прашање со кое треба да се плашат луѓето во Македонија.

Ахмети негираше дека ДУИ преговора со Груевски и со Заев.

„Ќе им кажам на сите Албанци во Македонија да не стравуваат. Конечната одлука ќе ја одразува волјата на мнозинството граѓани Албанци, затоа што ДУИ никогаш не донела одлука која е против својот народ“, изјави Ахмети.

Тој не ја исклучи можноста земјата да остане без влада ако не се прифатат неговите барања за унапредување на правата на Албанците во Македонија. Според него, кај македонските партии треба да преовлада разумот, бидејќи најштетната алтернатива за земјата е да остане без влада.

Од Алијансата на Албанците на Зијадин Села исто така бараат албанскиот да стане официјален јазик, бинационално функционирање на институциите, буџетот да се дели според потребите на општините и продолжување на мандатот на СЈО.

Од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ засега не се достапни за коментар во врска со барањата на албанските партии и условите кои тие ги поставуваат за коалицирање и состав на идната Влада.

Претседателот Ѓорѓе Иванов во неговото годишно обраќање денеска рече дека тој нема да дозволи Македонија да биде бинационална или федерална држава.

„Слушам дека се бара двојазичност на цела територија, тоа е затворено прашање. Службената употреба зависи од статистиката, а единствен начин за да се утврди статистиката е пописот. Без нов попис не може да се бараат права кои зависат од статистиката“, рече Иванов.

Пред неколку дена Ахмети на негова иницијатива се сретна со Алијансата за Албанците на Села, каде се договараше заедничка платформа за политичко настапување преку која ќе тие ќе борат за издигнување на албанскиот јазик и неговата официјална употреба.

Партиите рекоа дека се отворени за коалиција и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ, но од новиот партнер во владата очекуваат да ги исполни нивните барања.

БЕСА претходно ја одби поканата на Ахмети и тие заедно со ДПА, не се појавија на овој состанок организиран од Ахмети.