Од:

Колку пати згреши судијата на претходна постапка во случајот „Труст“

Решението кое денеска го објави Кривичниот суд, а го донесе Кривичниот совет со кое се определува мерка притвор од 30 дена за Сеад Кочан, сопственикот на телевизијата „Нова“, затоа што постои можност за бегство и за влијание на сведоци, извади на виделина дека речиси по сите основи за одредување на мерка притвор, судијата на претходна постапка погрешно оценил дека не постои опасност од бегство.

Сите овие наводи, Кривичниот совет ги согледал и оценил спротивно од судијата на претходна постапка.

 

  1. Советот ги ценеше наводите изнесени во жалбата и најде дека судијата на претходна постапка погрешно оценил дека не се присутни основите предвидени во чл.165 ст.1 т.1, 2 и 3 од ЗКП, односно дека не постои опасност осомничениот да се крие или други околности што укажуваат на опасност од бегство.
  2. Судијата на претходна постапка донел погрешен заклучок дека постои мала веројатност за бегство од причина што осомничениот има постојани месечни примања и е во работен однос, но факт е дека осомничениот С. К. е Управител на друштвото М… Компани, на кое сопственик е неговата сопруга А. К., па оттука произлегува логичен заклучок дека и покрај тоа што осомничениот е во работен однос истиот може да се даде во бегство. Осомничениот е имотен човек, што укажува на тоа дека може да се даде во бегство, бидејќи истиот поседува ресурси кои би можеле тоа да му го овозможат. Преку материјалните средства што тој ги поседува, осомничениот може непречено да реализира напуштање на границите на РМ и обезбедување на засолниште во странство, дотолку повеќе што неспорен е фактот дека тој многу често патува надвор од земјата.
  3. Советот смета дека, судијата на претходна постапка погрешно оценил дека околноста што осомничениот има семејство, цврсти роднински врски во земјата и дека нема роднини надвор од државата, укажуваат на мала веројатност од бегство. Наведените околности според Советот, не ја елиминираат опасноста од бегство на осомничениот, ако се имаат во предвид сите погоре изнесени причини поради кои Советот наоѓа дека е присутен основот од чл.165 ст.1 т.1 од ЗКП.
  4. Исто така, Советот цени дека фактот на кој се повикува судијата на претходна постапка, дека на осомничениот му било познато дека обвинителството ќе предложи да се определи мерка притвор, но и покрај тоа сам се јавил на поканата на судот на рочиште за испитување, не претставува доволна гаранција дека истиот во понатамошниот тек на постапката нема да се даде во бегство, а со цел за нејзино осуетување и избегнување на кривичната одговорност за кривичното дело за кое е осомничен.
  5. По наоѓање на Советот, во конкретниот случај постојат особени околности кои укажуваат дека осомничениот ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, вештаците, соучесниците или прикривачите, со оглед дека кривичната постапка се уште е во фаза на истрага и во рамките на истата е потребно да биде изготвено економско-финансиско вештачење, како и по потреба да бидат преземени други релевантни истражни дејствија. Околноста што осомничениот досега не е осудуван и против него не се води постапка за друго кривично дело, кои при одлучувањето ги ценел судијата на претходна постапка и врз основа на истите донел одлука ја одбивање на предлогот на обвинителството за определување на мерка притвор по чл.165 ст.1 т.3 од ЗКП, по наоѓање на Советот не ја елиминира опасноста истиот да го повтори кривичното дело.

Сеад Кочан е првоосомничен во случајот „Труст“ кој го отвори Специјалното јавно обвинителство и за него постојат основи на сомневање дека сторил кривично дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство“. Како што образложија од СЈО, додека ја презентираа новата предистражна постапка, Кочан заедно со Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ  направиле штета од 17 милиони евра на државниот буџет. Според СЈО, обвинетите фалсификувале документи со кои добиле тендер од 17 милиони и 200 илјади евра од ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол“.