Од:

Консултации за претседател на Собрание, Иванов не го дава мандатот

Почнуваат консултации за избор на нов претседател на Собранието, брифираат за НОВА извори од партиите. Медиумите блиски до власта пред неколку дена шпекулираа со името на Талат Џафери од ДУИ како можен избор за собраниски спикер. Џафери за НОВА ниту ја потврди, ниту ја демантираше оваа информација.

СДСМ започнала консултации со другите партии од албанскиот блок за избор на нов претседател на Собранието. Сепак, неофицијално извори од оваа партија тврдат дека се уште не се разговарало за конкретни имиња за собраниски спикер. Истовремено, од Кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов соопштија дека тој смета дека пречките за доделување на мандатот за состав на нова Влада се уште не се отстранети.

„Претседателот Иванов останува на ставот изнесен во обраќањето до граѓаните на Република Македонија на 1 март 2017 година. Пречките за определување мандат за состав на влада се уште не се отстранети“, се вели во краткото соопштение.

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов денеска на прес конференција не откри дали имаат постигнато начелна согласност за избор на претседател на Собранието.

„Во текот на оваа недела, со партиите кои го претставуваат владиното мнозинство ќе извршиме консултации за да се продолжи конститутивната седница на Собранието на Р.М. Штом за тоа ќе имаме созреана информација за споделување со јавноста, тогаш ќе ја споделиме“, рече Шилегов и повтори дека според нив, не постојат ниту уставни, ниту законски пречки за да се даде мандатот на претседателот на СДСМ, со што би имале мирен трансфер на власта.

СДСМ повеќе пати го повика Иванов да го додели мандатот за составување влада на нивниот лидер, Зоран Заев. Toj при презентацијата на предлог владината програма на СДСМ соопшти дека со ДУИ не договориле ниту двојазични пари, ниту полициски или воени униформи, туку само Закон за унапредување на јазиците.

Дали Талат Џафери е опција?

Медиумите блиски до власта пред неколку дена објавија дека СДСМ и ДУИ договориле претседател Албанец на Собранието и шпекулираа со името на поранешниот министер за одбрана, Талат Џафери. Џафери за НОВА не сакаше да коментира дали токму тој ќе биде следниот собраниски спикер и дали тој ќе ја прифати функцијата доколку му биде понудена. Информацијата ниту ја потврди, ниту ја демантираше.

Според Уставот, во случај претседателот на Македонија од некои причини да биде спречен да ја врши функцијата, тој е заменуван од претседателот на Собранието.

Кога претседателот на Собранието ја врши функцијата претседател на Републиката, тој учествува во работата на Собранието без право на одлучување.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во интервју за Ројтерс претходно изјави дека со СДСМ, договориле албанскиот јазик да биде користен во државните институции и на банкнотите. Според него, тие исто така договориле да биде избран етнички Албанец за претседател на Собранието, за прв пат во независна Македонија.

Од партијата БЕСА велат дека тие засега не се контактирани од ниту една партија во однос на консултаците за избор на нов претседател на Собранието. „Не можеме да се изјасниме дали е прифатливо било кое име, додека немаме конкретен предлог“, велат од БЕСА за НОВА.

Зијадин Села од Алијансата за Албанците со сличен став. Вели дека за тоа дали одредено име за нов собраниски спикер е прифатливо за нив, ќе се изјаснат во парламентот.

Од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш повторија дека тие стојат на понудата упатена кон Зоран Заев, со која би му дале целосна поддршка на неговата Влада, ако тој се откаже од Платформата на албанските партии.

„Доколку пак Зоран Заев до таа мера е импресиониран од Платформата од Тирана нека прифати парламентарни избори заедно со локалните избори во мај и нека излезе пред граѓаните со барањата од Тирана“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.