Од:

Ковачевски: Нов договор за ископ на јаглен во РЕК Битола без оглас

Претеникот од СДСМ Васко Ковачевски денеска обелодени дека минатиот месец е склучен нов договор за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола од релиси 5 милиони евра, без објавен оглас.

-Додека Груевски смислува насилни сценарија и работи на поделби на граѓаните, на 2 март оваа година склучен е нов договор за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола со битолската фирма Марковски компани, во висина од 290 милиони денари или речиси 5 милиони евра! Договорот е склучен во постапка со преговарање без претходно да биде објавен оглас, рече Ковачевски.

Тој посочи дека фирмата е во сопственост на битолчанецот Борче Марковски, од неодамна конзул на Белорусија, инаку во јавноста познат како близок пријател на Сашо Мијалков.

-Фирмата Марковски Компани од 2008 година до денес има добиено тендери во РЕК Битола во износ од  над 60 милиони евра. Еве и документи! Ова се фактури на фирмата Марковски Компани кон РЕК Битола за ископ на јаглен и јаловина и услуги коишто во изминатите години изнесуваат над 60 милиони евра. Оваа фирма е тесно поврзана со највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачевски.

Тој рече дека заради ваквите и слични милионски тендери, цената на струјата постојано растеше, а сметката за тоа ја плаќаат граѓаните.

-Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со блокадата на Собранието овозможувуваат да продолжат бизнисите на Груевски, а спречуваат да се формира нова реформска Влада којашто ќе се грижи за потребите на граѓаните. На пример, ако беше избрана новата Влада, денес граѓаните ќе имаа два часа дневна евтина струја, а исто така и утре и задутре, преку целиот викенд, истакна Ковачевски.

ВМРО ДПМНЕ во реакцијата на прес конференцијата на Ковачевски вели дека ниту Сашо Мијалков, ниту ВМРО-ДПМНЕ имаат каква било поврзаност со договорот на РЕК Битола или со фирмата која што го добила тендерот.

-Со пласирање на ваквите лаги Васко Ковачевски нема да му помогне на Зоран Заев да го протурка на мала врата распродавањето на највисоките државни и национални интереси. Криминалецот Заев е прочитан. Криминалецот Заев е минато. Народот му застана на пат, се вели во соопштението.

Партијата бара Васко Ковачевски веднаш да се извини за, како што се наведува „изнесените лаги и клевети за ВМРО-ДПМНЕ и Сашо Мијалков“

Во соопштението, ВМРО ДПМНЕ уште наведува дека „медиумите кои ги објавуваат лажните информации од Ковачевски се должни да го пренесат овој демант, во спротивно ќе следат соодветни тужби“.