Од:

Ковачевски: Пет дена струја не чини два милиона евра

За 5 дена, граѓаните на Македонија, поради несериозната власт којашто во студ ги остави без домашна струја ќе платат речиси 2.000.000 евра, обвини денеска на прес конференција Васко Ковачевски од СДСМ.

„РЕК Битола произведува речиси 80 проценти од струјата во Македонија. Поради неодговорните политики на досегашната власт којашто 10 години се занимава со криминални тендери, не работат други енергетски капацитети, како ТЕЦ Осломеј, ТЕЦ Неготино… Ете затоа граѓаните се во ризик, на минус 20, во време на големиот студ што ја зафати државава, да останат без струја! Како што редовно соопштуваме, засега проблемот се решава со многу скап увоз на струја, што до вчера ги чинеше граѓаните на Македонија околу половина милион евра, само за два дена. Сега, распишан е нов тендер за интервентен увоз на струја за денеска и утре. Цената е плафонска, над 600 отсто повисока од одобрената од Регулаторната комисија за енергетика. За вечерва е набавена увозна струја по цена од неверојатни 220 евро по мегават час и тоа ќе ги чини граѓаните 155.000 евра. Увезената струја за утре и задутре ќе ги чини граѓаните 1.286.000 евра“, вели Ковачевски.

Тој вели дека според последните официјални информации, не само што не е направен еден од блоковите на РЕК Битола којшто не работи, туку има дополнителна хаварија. Пукнати се цевки. Ковачевски додава дека ова се случува иако се дадени неколку стотици милиони евра за наводни поправки и ремонти.