Од:

Коѕиас: Владата на Заев го спушти тонот, но во суштина нема ништо ново

“Скопје мора да научи што е компромис”, изјави  Коѕиас за сајтот Еурактив пред денешната средба со Нимиц.

“Проблемот со Скопје не е тоа што има вакво или онакво мислење. Проблемот е нешто што и Европа треба да го разбере. Европа мора “да ги едуцира” скопските лидери, во добра насока, за концептот на политички компромис и културата на политички консензус. Кога станав министер за надворешни работи на сите страни им реков дека начинот на кој “вие ги разгалувате” ги тера не само да не се однесуваат добро со нас, туку тие истиот концепт ќе го применат и дома. Видовме колку далеку отиде Груевски”, вели Коѕиас.

 

И додава дека им рекол на европските пријатели “да не креираат втор Груевски затоа што Заев ги има сите предуслови да разбере и да биде отворен за вистинско решение”.

Министерот вели дека е точно дека сегашната влада ги спуштила тонот и поранешната реторика и дека комуникацијата сега е коректна. Но, вели тој, “во суштина не гледам ништо ново”.

Тој најавува дека на крајот на август ќе дојде во Македонија на разговори за името бидејќи на средбата во Атина помеѓу Коѕиас и Никола Димитров оваа тема не била отворена.

“Ние ќе работиме на решение и се надевам дека ќе најдеме одговор и ќе избегнеме мешање на трети страни кои го отежнуваат решението”, вели грчкиот министер.

Што се однесува до предупредувањата од македонска страна за стабилност, Коѕиас вели:

“Лидерите од оваа земја со право ми велат дека се загрижени за стабилноста и безбедноста на земјата и на регионот. Се согласувам во целост и правиме се што можеме. Ние не се мешаме во нивните внатрешни работи, јас не дадов ниту една изјава за време на кризата. Дури реков ќе ставам вето на било какви санкции кога некои во Европа беа построги. Ние го браниме нивниот интергитет но им велам дека ако Грција се бори за нивната стабилност и безбедност, тогаш и тие треба тоа да го прават тројно”, вели Коѕиас и прецизира дека Македонија “не треба да очекува попуштање од наша страна поради нивните внатрешни проблеми додека тие ништо не прават”.

На прашањето дали политичката нестабилност на Балканот се должи на изјавата на Жан-Клод Јункер кој го “замрзна” проширувањето, Коѕиас вели дека не се согласува со тоа:

“Тоа е прашање на капацитетот на политичкиот институционален систем на земјата. Тензиите кои одамна постојат помеѓу албанскиот елемент и Словенските Македонци зависат од тоа дали договорите помеѓу тие две заедници се применуваат или не. И тоа нема никаква врска со членството во ЕУ”, вели шефот на грчката дипломатија.

Средбата на Коѕиас со медијаторот Нимиц е закажана за попладневно но веќе е најавено дека Коѕиас ќе даде изјава само за грчката телевизија.