Од:

Крвав бизнис via Балкан – 1.2 милијарди за оружје на Блискиот Исток

Фото: БИРН

Изминатите четири години земјите од Источна Европа одобриле дискретна продажба на оружје вредно над 1 милијарда евра за земјите од Блискиот Исток кои пак најчесто завршуваат во Сирија, пишуваат тимот новинари на Балкансата истражувачка мрежа и ОЦЦРП во своето истражување кое траело една година.

Преку рутата Балканот – Арапски Полуостров и земјите што се граничат со Сирија се пренесувале парчиња оружје а постојат сомнежи дека голем дел од оружјето се праќа во Сирија и ја потпалува тамошната граѓанска војна.

Според репортерите, муницијата била испраќана од Босна, Бугарија, Хрватска, Чешка, Црна Гора, Словачка, Србија и од Романија.

Од ескалацијата на сирискиот конфликт во 2012 година осумте земји одобриле извоз на оружје и муниција вредни 1,2 милијарда евра за Саудиска Арабија, Јордан, Обединетите Арапски Емирати и за Турција, кои се клучни пазари за оружје за Сирија и Јемен.

Оружјето од Источна и Централна Европа, сега се користи од единиците на Слободната сириска армија, која е поддржана од Западот, но исто така се и во рацете на борците од исламистичките групи како Ансар ал-Шам, Ал Нусра, Исламската држава, фракциите што се борат за сирискиот претседател Башар ал-Асад и сунитските сили во Јемен.

Обележувањата на некоја муниција што го идентификуваат потеклото и датумот на производство откриваат дека значителна количина оружје било произведено во 2015 година.

Оваа рута, како што пишуваат новинарите, започнала зимата 2012 година кога десетици карго-авиони, полни со оружје и муниција од југословенско време, купено од Саудијците, почнале да го напуштаат Загреб и да одат кон Јордан.

Хрватската влада постојано негираше тогаш дека е дел од испорака на оружје за Сирија, но американскиот амбасадор во Сирија од 2011 до 2014 година, Стивен Форд, истакнува дека Загреб во 2012 година склучил договор кој Саудијците го потпомогнале финансиски.

Повикувајќи се на национални и извештаи на ЕУ за извозот на оружје, како и на владини извори, БИРН и ОЦЦРП наведуваат дека од 2012 година бил одобрен извоз на оружје од земјите од источна Европа до Саудиска Арабија во вредност од 806 милиони евра. Јордан во тој период осигурал дозволи за извоз вредни 155 милиони евра, а ОАЕ – 135 милиони и Турција 87 милиони, со што вкупната сума за тие четири години е околу 1,2 милијарда евра.

Оружјето било пренесувано преку воздушен и морски сообраќај. Преку следењето на движењето на авионите и бродовите, БИРН и ОЦЦРП можеле да го следат текот на оружјето во реално време.

Според податоците на новинарите, од Србија биле реализирани 42 лета, од Словачка 17, а од Бугарија се реализирале седум лета до Јордан, Саудиска Арабија и до ОАЕ.

Деталните анализи на распоредите на авионите, историјатот на карго-носачот, следењето на податоците за летовите и контролата на воздушниот сообраќај помогнале да се одредат речиси 70 лета за кои е многу веројатно дека носеле оружје кон конфликтните зони на Блискиот Исток во текот на изминатата година. Белград, Софија и Братислава се јавуваат како главните центри за воздушниот транспорт.

Анализите на ЕУ за летовите откриваат дека авионите од Бугарија и Словачка пренеле илјадници тони неидентификуван карго-товар уште од летото 2014 година до истите воени бази во Саудиска Арабија и ОАЕ.

Според Форд, оружјето купено од Саудиска Арабија, Турција, Јордан и ОАЕ за Сирија се препраќа преку свои тајни командни центри, наречени воени операциски центри, во Јордан и Турција. Тогаш оружјето по копно се транспортира до сириската граница или се фрла од воените авиони.

САД исто така купиле и доставиле големи количини воен материјал од централна и источна Европа за сириската опозиција. Последната пратка договорена од САД преку Бугарија била на  21 јуни, со околу 1.700 тони оружје и заминал кон неидентификувано пристаниште на Црвеното Море.

Командант од Слободната сириска армија од Алепо вели дека оружјето од централна и источна Европа било дистрибуирано од централно контролирани штабови.