Од:

ВИДЕО-Кумановскиот началник не е приведен,од куќата одземени документи

По претресот на куќата на началникот на СВР Куманово, Стојанче Величковиќ, одземени се службени белешки, а тој не е приведен. Вака заврши попладневната акција на Јавното обвинителство кое со судски налог и засилено со специјалци на МВР, влезе во куќата на кумановскиот полициски началник.

Истрагата ја води Обвинителството за организиран криминал и корупција, под сомнение за вмешаност на Величковиќ во изборен криминал.

Додека траел претресот, специјалците ја блокирале улицата и забраниле пристап, а ситуацијата станувала тензична оти се собирале приврзаници на СДСМ за да не дозволат апсење на Величковиќ.

Тане Величковиќ

Posted by Сашо Тодоровски on вторник, 13 декември 2016

По завршување на акцијата Величковиќ ги повика насобраните луѓе да се разотидат. Величковиќ, најверојатно по разговор со специјалците и крим техничари, пред масата порача дека нема да биде приведен, и замоли масата да се разиде.

„Ова е монтиран процес против мене од Јавниот обвинител Марко Зврлевски и од Митко Чавков, и ве молам да се разотидете за да специјалците го напуштат мојот дом. Нема да бидам приведен“, порача Величковиќ.

Толпата се разотиде на другата страна од улицата заедно со началникот, а специјалците кои се уште не се заминати, стојат пред вратите на Величковиќ. Во одбрана да биде приведен, пред домот на Величковиќ во рекордно време се собраа многу граѓани и партиски членови на СДСМ, кои го повикаа и тимот на ОБСЕ за да го регистрира обидот за апсење на началникот Величковиќ, јавуваат локалните медиуми.

Неговото приведување следи само 48 часа по завршување на изборите.

Стојанче Величковиќ беше назначен за началник на СВР Куманово во првата техничка Влада, па потоа беше разрешен со заминување на Оливер Спасовски и повторно вратен со неговото враќање на чело на МВР.