Од:

ЛДП: Власта ја „промовира“ државата по отровот што го дишеме

Либерално демократската партија во денешното соопштение укажува на одговорноста на власта за загадувањето на воздухот.

– Власта во заминување, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на сите нас, ја „промовира“ државата во светот и по отровот што го дишеме. Трите најголеми града во Македонија, Скопје, Битола и Тетово, ги полнат весниците и научните списанија низ светот токму поради енормно загадениот воздух кој, за жал, секојдневно го дишеме ние и нашите сограѓани, велат од ЛДП.

Тие го посочуваат последното научно истражување што го пренесува и британски „Гардијан“, каде Тетово се вбројува во првите 15 града во светот каде физичката активност дополнително го загрозува здравјето, поради загадувањето.

-Власта на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите десет години покажа дека ниту имала стратегија , ни начин како да се справи со високото загадување во градските средини. Наспроти тоа, таа од чист популизам допушти безмалку неконтролиран увоз на стари возила и експанзија на неодржливата и прекумерна градба, која е спротивна на еколошките стандарди во развиените европски држави. Власта дозволи безмилосно уништување на зеленилото и претерано користење на фосилни горива, деривати кои важат за главни причини за влошување на квалитетот на воздухот и  секојдневно придонесуваат за зголемување на концентрацијата на ПМ 2,5 и ПМ 10 честички над максимално дозволените граници, кои се канцерогени и најопасни за здравјето на граѓаните, се вели во соопштението.