Од:

ЛДП: ВМРО-ДПМНЕ со години не направи ништо за депониите во Македонија

фото: Макфакс

„По 11 години владеење, ВМРО ДПМНЕ конечно се сети на проблемот со управување со отпадот, реагираа денеска од Либерално демократската партија.

Во соопштението на ЛДП се вели дека не треба да се заборави дека ВМРО-ДПМНЕ е на власт долги години и тоа во поголемиот број општини. Од партијата велат дека во Македонија постојат 54 депонии од кои само една – Дрисла исполнува мал дел од предвидените стандарди.

„Во 2005-та година, кога министер за животна средина и просторно планирање беше членот на ЛДП, д-р Зоран Шапуриќ, во консултација со домашни и со европски експерти беа усвоени плански документи со кои се предвидува решавање на депонирање на отпадот преку изградба на регионални депонии и со поттикнување на општините да изградат регионални депонии со здружување на сите свои потенцијали. Оттогаш, за 11 години апсолутно владеење ВМРО ДПМНЕ не покажа никаков интерес за решавање на овој проблем и само неколку дена по заминување во опозиција, преку демагошки пристап, товарот го префрла на новата реформска влада“, пишува во соопштението.

Од партијата додаваат дека единствено нешто што направила ВМРО-ДПМНЕ за овој период е предавање на депонијата Дрисла на управување на странската компанија, која се обврза да вложи 72 милиони евра во модернизација на депонијата преку изградба на низа постројки за современа преработка на отпад и набавка на нова механизација.

„За да овозможи поуспешно работење на странската компанија, пред склучување на договор за отстапување за управување со депонијата, градот Скопје реализираше набавка на механизација и се обврза да изгради современа постројка за согорување на медицински и други видови на опасен отпад. Наместо ветените инвестиции од 72 милиони евра, по пет изминати години оваа странската компанија не изгради ниту една од ветените постројки за третман и преработка на отпад и не набави никаква механизација, депонирајќи го отпадот на ист начин како и пред склучување на договорот, со посветеност на остварување на профит. Медицинскиот отпад и понатаму се согорува во инсталација со прастара технологија која не е во согласност со ниту еден утврден стандард, согласно националната регулативата и регулативата на ЕУ“, пишуваат од ЛДП.

Од партијата ја повикуваат ВМРО-ДПМНЕ како конструктивна опозиција да пристапи кон решавање на проблемите на депонирање на отпад и да влијае врз своите градоначалници за забрзување на изградба на регионални депонии преку меѓу општинската соработка.