Од:

ЛЕГАЛИТЕТ

Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа

Си бил еден човек на кој му опаѓала косата па се обратил кај дерматолог и после неколку третмани на засадување на коса, истата повторно му станала бујна, убава и кадрава. И дерматологот и пациентот биле презадоволни од реултатите, а лекарот го советувал човекот без потреба да не направи било каква интервенција во пределот на главата бидејќи тоа може да се одрази негативно на квалитетот и квантитетот на мачно регенерираната коса. Меѓутоа, при последниот преглед кај дерматологот пациентот се жалел на главоболка која траела веќе неколку недели. Дерматологот го упатил на снимање каде што се утврдило дека човекот има тумор во главата и мора да се оперира. “А што правиме со косата? Нели рече дека не може да се интервенира без таа повторно да опаѓа?” го прашал пациентот својот дерматолог, на што добил одговор: “Епа треба да одлучиш што ти е поважно, главата или косата?!”

Иако не изгледа така, муабетов е тесно поврзан со рокот во кој СЈО треба да покрене обвиненија. Како се доближува 30ти јуни така нервозата расте, и кај СЈО, и кај судовите, и кај пошироката јавност. Никако да се разбере дека членот 22 на Законот за СЈО е нешто слично на косата на гореспоменатиот пациент. А туморот во неговата глава е криминалот кој СЈО треба да го гони. Е сега кажете ми, што е поважно според вас, запазување на некаков инструктивен рок кој треба да го направи гонењето поубаво, или вистинското справување со проблемот (туморот) за кој очигледно треба подлабока и посериозна интервенција за да преживееме како општество, бидејќи веќе со години се бориме против болеста наречена криминал која метастазирала во сите пори во општеството а за кој единствениот лек е воспоставувањето и спроведувањето на начелото на кривична одговорност за сите кои се огрешиле пред законот.

Специјалното јавно обвинителство е независна и автономна институција која се формираше со многу јасна цел, да го гони криминалот кој произлегува и кој се поврзува со нелегално прислушуваните разговори. Се вика специјално бидејќи го гони специфично и само овој вид на криминал. Меѓутоа, оваа институција е пред се јавно обвинителство кое функционира според законските одредби на оваа држава и според основните начела на секое јавно обвинителство. Причината зошто постои јавното обвинителство во секоја држава, па и во нашата е за истото да го гони криминалот. Тоа е нејзината суштинска и основна надлежност. Меѓутоа, истовремено, тоа е и нејзина обврска и должност. Имено, членот 18 на Законот за кривична постапка одредува дека: “Јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење ако постојат докази дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, освен ако со овој закон поинаку не е определено.” Ова правило е наведено во првата глава на ЗКП која се вика “Основни начела” и се води под насловот “Начело на легалитет на кривичното гонење”. Спротивно на оваа начело е начелото на опортунитет кое се наведува на последниот дел од цитираната одредба. Имено за полесни кривични дела (кои се гонат до три години), како и кога сторителот е малолетно лице, јавниот обвинител одлучува дали треба да се подигне обвинение или не. Тоа се вика опортунитет. За повеќето дела кои се гонат од СЈО опортунитетот е неприменлив, бидејќи се работи за тешки кривични дела сторени во злосторничко здружување, кои тешко се казнуваат а кои јавниот обвинител е ДОЛЖЕН да ги гони според начелото на легалитет. Ова е суштината на начинот на работење на било кое обвинителство, и воедно, ова е суштиснката причина зошто постои и СЈО. Ако јавното обвинителство е главата која го гони криминалот во едно општество, криминалот е туморот кој мора да се оперира. Се друго е само и единствено коса, која може да опаѓа, да губи сјај, да стане седа, меѓутоа тоа е сосема споредна и незначителна работа во однос на главната а тоа е лекувањето на општеството од фаталната болест наречена криминал.

Земајќи го предвид оваа начело, Уставниот суд имаше месеци самоиницијативно да покрене постапка за укинување на членот 22 од Законот за СЈО. Аргументите зошто овој член е неуставен отсекогаш биле јасни за секој правник што разбира нешто од законите на оваа држава. Имено, одредбата од член 22 на Законот за СЈО е спротивна на Уствот на РМ, член 8 (Владеење на правото како темелна вредност на РМ), став 1 алинеја 3 но и со член 9 став 1 (Еднаквост на граѓаните).

Еве да почнам од уставното начело на еднаквост на сите граѓани пред Уставот и законите. Членот 22 на Законот на СЈО е спротивен со членот 301, став 1 и 2 од Законот за кривчна постапка. Во ЗКП течат рокови за завршување на истрага од носење на наредба за покренување на истрага а во СЈО од преземање на предмети и материјали во нивна надлежност. Во ЗКП рокот за завршување на истрагата се води и тече за секој предмет посебно, а рокот во членот 22 на Законот за СЈО тече од денот на преземање на материјалите, што значи се однесува на повеќе предмети кои произлегуваат од материјалите без разлика дали е покрената наредба за истрага и во кое време. Значи за различни предмети кои се покренуваат во различни периоди важи истиот рок од 18 месеци од денот на преземањето на материјалите во надлежноста на СЈО. Ова е првиот елемент каде осомничените пред СЈО се во многу попривилегирана положба во однос на осомничените пред ЈО.

Вториот проблем со членот 22 од Законот за СЈО е природата на рокот за покренување на обвиненија. Во кривичната постапка постојат два вида рокови: преклузивни (преклузија=забрана) и инструктивни (инструкција=препорака). Роковите во член 301 од ЗКП за покренување на обвиненија од јавното обвинителство се поставени како инструктивни, што значи дека, ако истрагата не завршува за 18 месеци за потешките случаи, кривичната постапка не се запира, бидејќи обвинението и понатаму може да се покрене. Инструктивен е рокот кој ако се пропушти нема последица врз кривичната постапка како таква. Целта на инструктивниот рок од членот 301 од ЗКП не е да се прекине постапката, туку да се забрзува истрагата (да не се злоупотребува од јавниот обвинител за да се задржи лицето под истрага без потреба) и да постои надзор од повисокиот јавен обвинител за да се запази законитоста и разумноста на истражната постапка. Меѓутоа, доколку за оправдани причини сепак истрагата треба да трае и подолго (под оправдани причини разумните луѓе сфаќаат на пример блокирање на работата на јавното обвинителство, спречување во извршувањето на функцијата на гонење, итн.), за на крај да се покрене обвинение, без разлика што поминале и 18 месеци од рокот предвиден за истрага, истата може да продолжи, бидејќи јавниот обвинител, врз основа на начелото на легалитет (погоре споменатиот член 18 на ЗКП) е должен да гони кога има сознание дека се сторени кривични дела. Затоа рокот е инструктивен.

Преклузивен е рокот кој ако се пропушти има последица врз кривичната постапка што може да значи нејзино запирање. Членот 22 утврдува дека СЈО “може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност”. Вака поставениот член рокот го поставил како преклузивен, што значи дека иако СЈО може да има докази дека делото е сторено, истото не може да го гони бидејќи рокот поминал, а тоа е спротивно на начелото на легалитет објаснето погоре.

Начелото на легалитет од член 18 на ЗКП како што реков погоре го задолжува јавниот обвинител да гони кривично дело кога има докази дека истото е сторено. Членот 22 го спречува СЈО да гони според начелото на легалитет. Делата кои остануваат негонети иако за истите има докази дека се сторени, укажуваат на состојба на неказнивост, арбитрерност и правна несигурност кај граѓаните, кои кога се овозможени од самите закони со ваков пропуст како овој на членот 22, одат целосно во спортивност со начелото на владеење на правото чиј што најважен елемент е токму ефикасното казнување на кривичните дела. Тука воедно е и прекршувањето на членот 8 на Уставот на РМ, каде што во ставот 1 алинеја 3 владеењето на правото е наброено како темелна вредност на Република Македонија. За сите овие месеци, Уставниот суд мирно и спокојно гледаше како отоворено се кршат два важни члена од Уставот и на тоа не реагираше воопшто. Правна држава сме биле, нема што!

Фактот што членот 22 од Законот за СЈО оди во потполна спротивност со членот 18 на ЗКП не е воопшто бенигна работа и не смее да се смета како таква од ниту еден од главните актери на правосудството во оваа земја вклучувајќи го и самото СЈО. Имено, доколку еден член на специјален закон оди во спротивност со основното начело на функционирањето на една институција, како и со два члена од самиот Устав на државата, кој член би имал предност? Секако дека основниот член кој ја опишува основната должност на обвинителот а тоа е да гони криминал. Притоа треба да се истакне дека пропуштањето на јавниот обвинител да ја врши својата суштинска должност пропишана во начелото на легалитет, не е само основа за разрешување на истиот туку е и основа за негова кривична одговорност (за што, впрочем, ќе мора да одговара Зврлевски, како главна причина зошто СЈО воопшто беше формирана). Затоа, Специјалното јавно обвинитслтво не смее да запира со подигнувањето на обвиненијата и после 30 јуни бидејќи така би го прекршила основниот член 18 на ЗКП, односно начелото на легалитет, за што ќе мора после да понесе одговорност, заради фактот што не покренало обвиненија кога имало докази дека биле извршени кривични дела.

Затоа, СЈО, останете фокусирани. Ваша работа е да го гоните криминалот кој произлегува и е во врска со неовластено прислушуваните разговори, и во таа работа нема рок кој може да ве запре. Ваша работа е да не излечите од туморот од кој боледуваме, се друго е само прашина во ветер, се друго е само коса.