Од:

Лекари: На ортопедија нема материјали, се одлагаат операциите

На Клиниката за ортопедија нема основни медицински материјали поради што се одлагаат операциите, тврдат за НОВА лекари од оваа клиника. Нема вешатачки колена, плочки, штрафови, анестетици, дури и коскен цемент кој е неопходен во текот на операциите. Лекарите велат дека поради овие причини се враќаат и пациентите со скршеници и дел од итните случаи.  Ситуацијата е толку алармантна што од Стручниот колегиум тврдат дека за повредните од сообраќајни незгоди клиниката позајмувала медицински материјали на реверс од веледрогериите.

„Ваквата ситуацијата трае веќе една година, но стана алармантна од јуни годинава. Не оперираме освен некои ситни интервенции, а пациентите ги препраќаме во Градската хируршка болница или во болницата „8 Септември“. Нема списоци за операции, се намали и фреквенцијата на пациенти заради рестрикциите“, тврдат за НОВА од Стручниот колегиум на Клиниката за ортопедија.

Причината за ваквата состојба вработените ја гледаат во тендерот за кој наводно двајцата директори, економскиот и стручниот не можат да се договорат како да се реализира.

НОВА се обиде неколку пати да го добие раководителот на ортопедија Златко Темелковски, но тој не одговори ниту на повиците, ниту на СМС пораките. Економскиот директор Алаксандар Стаменковиќ кој е од скоро назначен на ова функција, рече дека е на состанок и дека подоцна ќе не побара.

Стручниот директор пак, Реџеп Селмани тврди дека на ортопедија ги има сите медицински потрошни материјали.

„Материјали има и операциите не се одлагаат, освен селективните односно, закажани операции. Се работат сите итни операции, не е точно дека се враќаат пациентите.“, изјави за НОВА Селмани.

Тој тврди дека постапката за тендерот се очекува да заврши следниот месец по што на клиниката ќе има се што треба.

bolnitsa-3

НОВА веќе објави фотографии од операционите сали на оваа клиника чии зидови се во очајна состојба, кои беа испратени од анонимен извор.  Од фотографиите може да се види дека зидовите се распаѓаат иако клиника пред две години била реновирана, за што дознаваме дека  биле потрошени значајни средства од буџетот. По две години од реновирањето, зидовите од операционите сали се со огромно количество влага, распукани и преставуваат опасност за оперираните пациенти поради можноста од инфекции.

bolnica-2

Откако беа објавени фотографиите раководството на клиниката најавило дека операционите сали ќе бидат санирани.

bolnica-1

Инаку, по распаѓањето на Клиничкиот центар, трауматологија, ортопедија, КАРИЛ и Ургентен центар беа споени во една целина и со нив управуваат двајцата директори, Темелковски и Селмани. Лекарите од ортопедија од поодамна посочуваат на проблемите, а пред три и пол години отказ од работа доби  хирургот Тодор Ношпал кој јавно проговори за проблемите на клиниката. Подоцна судот донесе одлука дека лекарот отказот го добил незаконски.