Од:

Лекарска комора, заложник на партиски и лични интереси

Лекарската комора цела година не избира нов претседател иако мандатот на сегашниот му истече  пред една година. Според правните експерти, ова многу важно тело за докторите, но и за пациентите цела година незаконски носи правилници, менува статут, носи закон за доктори. Лекарите велат дека успеале да изгласаат статут за доживотен мандат кој досега беше  со најмногу  два мандати, а неколку луѓе од раководството прават што сакаат, вработуваат кого сакаат, деловниците ги прогласиле за службена тајна.

Според кажувањето на незадоволните лекари, актуелниот претседател и замениците си вработиле блиски роднини со земјоделски и други факултети кои што немаат допирни точки со комората и здравството и никој не знае зошто се примени и што всушност работат.

Статутот бил изгласан само со 40 проценти од гласачите, за кои се тврди  дека биле партиски војници. Секој кој реагира и не мисли како нив го отфрлаат или се праќа пред  Судот на честа. Да се одземе лиценцата за работа. Да се казни под итно! Каква бламажа за една вакво здружение кое имаше ранг на институција!

Под притисок на лекарите конечно изборите ќе се одржат на 6 ти април. Секогаш имало лобирања на изборите, да не се залажуваме. И тоа големи лобирања. А, изборот е како да се бира папа. Кога ќе се појави белиот чад знаеме дека е избран првиот човек кој ќе ја води комората во наредните четири години. До 20 март требаше да се изберат делегати од другите градови во внатрешноста, а како ќе се одвиваат работите ќе видиме понатаму.  Сега како што се поставени предизвикуваат револт и незадоволство кај лекарите бидејќи, како што велат, Лекарската комора е збир на партиски луѓе кои си остваруваат лични интереси наместо да работат  за тоа  што постојат.

Тројца лекари веќе ја тужат Лекарската комора, го оспоруваат незаконски донесениот статут и правилниците.  Една од нив, претседателка на здружението на приватните лекари која дури  беше ставена  пред Судот на честа, вели дека неколку луѓе од раководството ја имаат приватизирано Лекарската комора.  Според неа менување на статут е исто како да се менува Устав, статутот е нешто со што лекарите ќе се чувствуваат заштитени и ќе биде во функција на нивните интереси, а не за лични на неколку луѓе од раководството.  Точката е дојдена до фаза на вриење меѓу лекарите низ  државата. Членството бара отчет.

Наместо тоа, ние деновиве на некои телевизии го видовме претседателот на комората во првите борбени редови на протестите „За заедничка Македонија“. Даваше и изјави за медиумите, ја бранел Македонија. Од кого ја брани? Еминентен лекар и професор на медицински факултет излегол во лов на вештерки.  Претпоставувам така му рекле, инаку што бара таму пензионер кој е на чело на така влијателно и важно тело.   Наместо да  работи во интерес на лекарите, да лобира да не си заминуваат масовно во странство, да се бори за нивните права, челникот го гледаме на протести.

Ништо и од тоа  дека ќе се произнесе за случаи на лекарски пропусти или грешки кои беа јавно обелоденети. Освен за починатата родилка во Гевгелија, за ништо друго не се изјаснија, а луѓето чекаат одговори. Јас лично повеќе од една година чекам одговор дали воопшто се состанале и пратиле комисија во психијатриската болница во Демир Хисар, да испитаат зошто едно младо момче било врзувано со синџири. Нема одговор од што почина новороденче 10 дена по нестручно извршено породување во  Прилеп, од кое мајката одвај извлече жива глава,  за другата родилка која почина од истиот град, за починатата родилката од Куманово. За двајцата пациенти кои починаа во возилото на брзата помош кое се расипало пред патарината. Дали отишле таму, меѓу медицинскиот персонал да ги испитаат околностите? Јас немам таква информација.

Но, турбуленциите и напливот на лични интереси како никогаш досега го срушија угледот на Лекарската комора. Особено што во последните години функционира  како да е фирма ќерка на Министерството за здравство, а не здружение кое треба да се бори за интересите на лекарската фела. Затоа изборите ќе бидат од пресудно значење и ќе покажат дали ќе се тргне по вистинскиот колосек. Решението е во рацете на лекарите и нивните претставници кои ќе гласаат. Ќе им треба разум и многу среќа!