Од:

Левица, о, колку тоа моќно звучи

Прашајте го Груевски како оди приказната со моќта, има многу да им раскажува на левичарите, оние кои ја потрошија пред и воопшто да ја стекнат.

На една недела пред избори, главната дебата во дел од интелектуалниот камп на Фејсбук се води исклучиво околу едно прашање- Зошто (не)треба да се гласа за Левица?

Погледнете ја таа пародија: десетина луѓе лобираат за гласање на Левица (од нив тројца-четворица се членови на оваа партија), наспроти илјадници кои од петни жили  се обидуваат (о, па се разбира дека неуспешно) да им објаснат на десеттинава дека кобниот Донтов модел според кој се бројат гласовите ќе им донесе на оваа шака луѓе кои се за Левица-  удар во стомакот.

Што вели тој апсурден Донтов модел, во скратена форма: Секој глас за партија која нема да го премине изборниот праг на гласови, оди кај добитникот кој освоил најмногу гласови.

Доколку ги земете ги во предвид сите досегашни анкети, кои предвидуваат 1% (еден процент) поддршка за Левица, заклучокот нема потреба да ви се сервира.

Во вакви околности, кога на анкетите постои тесно, минимално водство на ВМРО-ДПМНЕ над СДСМ, повторно ќе инсистирам на тој проклет заклучок- секој глас на мала партија, оди кај големата, благодарејќи на генијалниот Донтов модел, кој ги фаворизира големите партии, макар и се викале ВМРО-ДПМНЕ.

Ако сте заборавиле, СЈО покрена обвиненија или осомничи огромен дел од самото раководството на ВМРО,  но тоа не е се- според најавите, самата партија ќе биде предмет на истрага за криминал, корупција, злоупотреби, финансиски малверзации.

Честито гласачи на малите партии, вашиот глас оди директно во моќта на  Груевски, и затоа е подобро уште денес, вакви какви што сте свежи и неуморни за негова нова победа, да одите лично да му го подарите гласачкото ливче кое ќе биде потпишано од- народот, о, како тоа несвесно звучи. Но, дел од таа Левица, велам дел, инсистирам на тоа да подвлечам дека е мал дел, кој многу свесно знае во какви избори оди и зошто ги одзема гласовите на опозицијата.

Сетете се само низ годиниве како  Груевски добиваше мандат за формирање влада- преку малите партии, кои коалицирајќи со него, беа директни учесници на агонијата, план кој и сега е на маса и на овие избори.

За самата партија и членовите на Левица нема многу што да се каже, што би се книжело како олеснителна околност. Доволно е само летимично да го разгледате Фејсбук, па да ве разнесе арсеналот навреди со кои располага раководството на Левица, инаку партија која тврди дека се темели врз принципите на братство, еднаквост, слобода. Или ако сакате повеќе кревка поезија- благост, милост, добрина, човечност.

Оваа лепеза на навреди со кои  се расфрла раководството на Левица во принцип се насочени кон новинари кои се обидуваат да го објаснат гласачкиот апсурд на Донтовиот модел, по што следи рафалот на истурање бес и  ужасни навреди кон новинарите.

gruevski-presss5001

Новинари кои низ годиниве, се навикнале на деспотски третман од Груевски и неговите луѓе, но тоа е далеку понежен од оној кој го промовира сега раководството на Левица, партијата која вели дека живее, дише и подготвена е да умре за идеали, а во меѓувреме бескрупулозно елиминира се што и застанува на патот како поинакви мислење, критика и сугестија.

Што да се каже- моќта е опасна работа, прашајте го Груевски, драги левичари како се започнува и зошто се ужасно завршува.

Во втората година од неговото владеење во интервју ме обвини, заедно со уште три мои колешки, во време кога бевме за различни медиуми дописнички од Брисел- јас бев дописник на А1 ТВ, Светлана Јовановска на Дневник, Тања Милевска на Канал 5 и Слободанка Јовановска на Утрински весник. За целосна да биде сликата- обвинети бевме “дописници, колумнисти, аналитичари”.

Пресудата на Груевски гласеше: “Сеат страв инспирирани исклучиво од лукративни цели, односно веројатно од јахти или други мотивациони средства”.

Што навистина Груевски вели: не само што сме предавници на сопствената земја, туку сме и платени за предавството, а тој се разбира дека нема да дозволи тоа да се случи, надевајќи се сепак дека пресудата ќе дојде од народот, кој низ сите овие години и навистина, олицетворен во продолжена рака на пендрекот на Груевски, а инспириран од Вождот и неговите касапски кучиња- кои се претставуваат како новинари и навистина се пресметуваше со критичките новинари.

Беа напаѓани новинари, тепани, малтретирани, им беа палени автомобили и џипови (џипови, Апасиев, нели е тоа забавна историја која и ти ја пишуваш, а сега засега на хартија ги палиш), истрошени сме од секојдневните закани дека ќе бидеме поклопени со бетонски плочи, раскомадани и растргнати- ние, критичарите на власта, на Груевски и тортурата низ која сите, буквално сите поминавме десет години.

Лекцијата за разорувачката, самодеструктивна моќ на политичарите последни ја дознаваат токму тие- политичарите, но токму оние кои не ја заслужиле. Ви велам, прашајте го Груевски како оди приказната со моќта, има многу да им раскажува на левичарите, оние кои ја потрошија пред и воопшто да ја стекнат.