Од:

Либералите на премиерот Руте победија на изборите во Холандија

.

Либералната партија на премиерот Марк Руте освои најмногу мандати на парламентарните избори во Холандија, а десничарската партија на Герт Вилдерс е втора според бројот на освоени пратенички места.

Според резултатите, либералите на премиерот Руте освоија 31 место во холандскиот парламент, додека антиисламската партија на Герт Вилдерс има 19 мандати, колку што освоија и партиите Демократи 66 и Христијанското демократско движење. Зелената левица освои 16, Социјалистичката партија 14, а Работничката партија освои девет места во Парламентот.

Холандскиот премиер, Марк Руте, по изборната победа оценил дека гласачите го отфрлиле „погрешниот популизам“.

„Народната партија за слобода и демократија трет пат по ред е најголемата партија во Холандија. За големата демократија каква што е холандската ова е шанса да го запре домино ефектот на популизмот“, рекол Руте на постизборната прослава во Хаг.

Најголем губитник на изборите во Холандија е Работничката партија на претседателот на Еврогрупата, Јерен Дијселблем. Оваа партија на претходните избори имаше 38 мандати, а на последните освои само девет пратенички места.

Тоа е причината што Дијселблем веројатно нема да може да го задржи местото  на чело на 19-члената Еврогрупа која управува со валутата на Европската унија.

Победата на либералите на Руте беше со задоволство примена кај политичкиот естаблишмент во Европа поради стравот дека евентуалната победа на ултрадесничарот Вилдерс ќе ја продлабочи дестбилизацијата на ЕУ по излегување на Британија од Унијата.