Од:

Лига Европа: Пелистерци веруваат во чудо против Лех Познањ

Фото: ffm.mk

Кам-бекот на Пелистер на меѓународната сцена по деветгодишна апстиненција е малерозен уште со ждрепката. Актуелниот победник во Купот на Македонија е пред соочување со најтешкиот противник од петте што можеше да ги добие за првото елиминациско коло во Лига Европа. Пред него се испречи Лех Познањ, седумкратен првак на Полска. Битолчани ќе гостуваат во првиот меч на 29 јуни, а реваншот е на 6 јули на стадионот „Младост“ во Струмица.

Претстојните предизвици ќе бидат четврто за пелистерци во клупската историја. Дебито го имаа пред 17 години преку тогашниот Интертото куп во кој го минаа Хобшајд од Луксембург (3:1, 1:0) и шведска Вастра Фролунда (3:1, 0:0) пред да бидат елиминирани од Селта (1:2, 0:3). Во сезоната 2001/02 беа поразени на стартот од швајцарски Сент Гален во квалификациите за УЕФА купот (0:2, 3:2), а идентично минаа и во летото во 2008 година против АПОЕЛ од Кипар (0:1, 0:0).

„Чуда во спортот се можни. Ние веруваме во такво. Добивме силен противник, но ако можевме од трета лига да стигнеме до Европа, зошто да не бидеме оптимисти и да веруваме во чудо. Имаме респект кон Лех Познањ, го цениме како екипа и квалитетот што го поседува. Нам ни преостанува добро да се подготвиме и машки да се бориме за пласман во наредното коло“, изјави Благоја Кочевски, директор на Пелистер, за официјалната интернет страница.

Победникот од двомечот меѓу Пелистер и Лех Познањ во втората рунда ќе игра со подобриот од двата дуела меѓу норвешки Хаугесунд и Колерејн од Северна Ирска. Битолчани во моментот се наоѓаат на подготовки во Бугарија и веќе имаа контрола со Ботев што ја добија со 1:0 со погодок од пенал на Матеј Цветановски. Покрај него, новајлии во екипата се и голман Марко Јовановски, играчот од средниот ред Оливер Пеев и офанзивниот лев ек, Благоја Љамчевски.



Comments are closed.