Од:

Лирата вртоглаво тоне, само пезосот полош од неа

Турската лира падна на нов историски минимум. Падот на вредноста на валутата што траеше в текот на целата 2016-та продолжи и во новата година.

Вчера валутата падна до историско дно во однос на доларот, со што стана најголем губитник меѓу светските валути во новата година и во моментов само мексиканскиот пезос е полоша валута. Само за првите осум дена на тргување во месецот, лирата изгуби 8,6% од вредноста, што заедно со падот од 2016 година значи 17% помалку од вредноста.

Што го поттикнува падот на турската валута?

Блумберг (Bloomberg) во анализата се обидува да ги лоцира главните причини што го поттикуваат падот.

Како една од причините се смета пасивноста на централната банка.

Експертите сметаат дека Централната банка на Турција одолговлекува со промените во монетарната политика во услови на првиот пад на економијата пo седум години и политичкиот притисок од друга.

Во последните години, Централната банка не направила значајни промени во монетарната политика и покрај видливиот пад на курсот на лирата со просек од околу 15% годишно.

Минатиот месец нивото на каматите останало исто, иако ФЕД ги зголеми своите, што создава притисок врз турската валута.

Како втора причина според Блумберг е инфлацијата.

Слабата вредност лира доведе до зголемување на инфлацијата, со што потрошувачките цени само во последниот месец пораснаа за 8,53%, што е за над 3,5 процентни поени над нивото, поставено од Централната банка.

Од UniCredit предвидуваат дека инфлацијата ќе достигне до 12% оваа година.

Како трета причина е недовербата на граѓаните кон лирата.

На 2 декември претседателот Реџеп Таип Ердоган ги повика Турците „со валути под перница да ги сменат своите пари во злато, а потоа златото во лири“.

Но според анализата, сите кои го послушале, изгубиле околу 6,6% од вредноста на своите заштеди.

Сепак, податоците за девизните депозити покажуваат дека малкумина го послушале.

Кон тонењето на вредноста на турската валута придонесува и корпоративниот долг.

Задолжените турски корпорации се обложија на кредити во странски валути, со што се најдоа во уште повеќе проблеми со исплата на зголемените обврски во валутата.

Разликата помеѓу пасивата и активата на корпоративниот сектор во девизи во септември лани се зголемила на рекордни 213 милијарди долари.