Од:

Македонија казнета поради неспособноста да работи со европски пари

По остриот извештај на европските ревизори објавен кон крајот на јуни оваа година и откако ЕУ блокираше околу 100 милиони евра со кои требаше да се финансиираат проекти во Македонија, неделава стаса и забрана со која на македонските власти им се оневозможува да работат со европски пари.

Информацијата ја објави новиот ЕУ амбасадор во Македонија Самуел Жбогар кој изјави:

“Делегацијата на ЕУ во Скопје ќе има улога на единствен договорен орган и нашата организација ќе ги потпишува договорите со оние кои добиле грант на повиците. Сакаме да видиме добри и убедливи предлози кои се остваруваат во вистинските насоки и имаат потенцијал за зајакнување на врските помеѓу општините, бизнисите и организациите“,  рече Жбогар.

l-l-bogar_b5

Самуел Жбогар

Извор на НОВА во Брисел коментира дека ЕК почнала со секторски пристап во фондовите ИПА2. А тоа значи дека доколку ЕК оцени дека еден сектор, кој ИПА го финансира, не е доволно зрел технички и нема акциски план и стратегија за употреба на парите, во тој случај Делегацијата на ЕУ е таа која го презема склучувањето на договорите за финансирање. Но, вели нашиот извор, доколку дојде до подобрување, македонската институција наредната година ќе може да го преземе склучувањето на договорите и финансирањето.

Според поранешниот европски амбасадор во Македонија Ерван Фуере, оваа изјава е “последица на недостигот на посветеност од страна на македонските институции да ги почитуваат дадените обврски кон Европската комисија (ЕК)”, вели тој за НОВА.

erwan_fouere

Ерван Фуере

Македонија не обрна ни трошка внимание на ревизорски извештај на ЕУ ова лето па оттука и “казната“ со која на власта и се забранува контакт со голем дел од европските пари.

Фуере потсетува дека во 2010 година, кога тој беше на функција во Скопје, ЕК одлучила одговорноста за менаџирање со европските пари да им ја предаде на македонските власти. Но, очигледно е дека властите не покажале способност ефикасно да ги управуваат парите на европските даночни обврзници, вели Фуере кој сега, откако замина во пензија, е аналитичар во Центарот за европски студии во Брисел и често пишува за политичката состојба во Македонија.

Во текот на ова лето ЕУ блокираше над 100 милиони евра со кои требаше да се финансиираат проекти во Македонија.

Европските ревизори летово остро ги критикуваат македонските власти забележувајќи дека тие не даваат активна поддршка за успешно трошење на европските пари. Па оттука милионите што како подарок ги нуди Европа немаат никаков ефект.

Европските ревизори со седиште во Луксембург објавија летово извештај за европската помош за Македонија. Заклучокот на оваа институција е строг:

“Националните власти треба да се фокусираат на две клучни точки: борбата против корупцијата и јавните набавки. За таа цел земјата треба да преземе сериозна обврска, многу поголема од сегашната. И да се сети дека ова е голема можност да се има добра јавна администрација. Во клучните сектори како јавните набавки и борбата против корупцијата, властите би требало да обезбедат подобра употреба на фондовите од ЕУ“, вели Ханс Густаф Весберг од Европскиот ревизорски суд.

Според Фуере, Македонија не обрнала никакво внимание на овој ревизорски извештај. Оттука и “казната“ со која на власта и се забранува контакт со голем дел од европските пари.

НОВА побара реакција од Секретаријатот за европски прашања но одговорот не стаса во текот на овој работен ден а ќе го објавиме доколку биде испратен.



Comments are closed.