Од:

Македонија против Шпанија на ЕП 2017: Дебитантот по скалп на фаворитот

Фото: ffm.mk

Македонија на Европско фудбалско првенство. Конечно дојде и тој ден што до октомври лани беше незамислив, беше илузија, беше утопија. Во случајот е младинско за играчи до 21 година што е, сепак, рамно на сениорско за нас. „Црвено-жолтите“ херои, кои низ циклусот на квалификации за Полска ги разгалија срцата на нацијата што, пак, е желна и жедна за успех во најважната споредна работа во светот, вечерва (20,45 ч.) на стадионот „Мунисипал“ во Гдиња на мегдан со Шпанија, една од 12 репрезентации што се вбројуваат во редот на најголеми фаворити за преземање на титулата од Шведска.

„Имаме право да бидеме горди бидејќи сме дел од најдобрите 12 млади селекции во Европа. Ќе се обидеме да уживаме во настапите на ова првенство. Притисок не чувствуваме, го немаме, но одлучни сме во намерата да се однесуваме посветено и одговорно. Добро сме подготвени и убеден сум дека фудбалерите ќе дадат максимум“, порача Благоја Милевски, селектор на Македонија која дебитира на ЕП 2017.

Да се игра на Европско фудбалско првенство во било која возрасна категорија е привилегија. Да се има ривали од калиброт на Шпанија, на Португалија и на Србија е чест. Да се биде дел од големата континентална сцена и да се впива внимание како сунѓер и да се настапува пред милионски аудиториум е задоволство. Во сето тоа уживаат момчињата на Милевски кои се иднина на А тимот.

„Горди сме што ќе играме на ова првенство. Задоволството од фактот што токму ние испишуваме фудбалска историја на една земја не се опишува. Се најдовме во група на смртта. Тоа, пак, не нè плаши туку дополнително нè мотивира. Шпанија ја има една од најдобрите селекции на овој турнир, ја има и улогата на фаворит против нас, но тоа се потврдува на терен. А, во него и ние сме подготвени да покажеме колку вредиме“, истакна Давид Бабунски во најавата за вечерашниот меч со „црвената фурија“.

Во нашата група денеска уште еден меч. Од 18 часот во Бидгошч ќе се судрат Србија и Португалија.

Европското првенство за млади фудбалери започна вчера со пресметките во групата А. Во нив, Словачка ја совлада Полска со 2:1, а Шведска и Англија одиграа без голови. Првото коло на турнирот ќе биде заокружено утре со дуелите Данска – Италија (18 ч.) и Германија – Чешка (20.45 ч.) во Ц конкуренцијата.