Од:

Манчевски: Буџетот за 2017 на Град Скопје е катастрофален и нехуман

Скопје секоја година се гуши во екстремно загадување. И повторно, како и секоја година до сега, Коце Трајановски нема предвидено дополнителни средства за мерки за намалување на загаденоста на воздухот. Ова е убедливо нај катастрофалниот предлог буџет на градот во мандатите на Коце Трајановски, обвини Дамјан Манчевски, координатор на советничката група на СДСМ во Град Скопје.

„И повторно, како и секоја година до сега, Коце Трајановски слепо ги извршува наредбите на вистинскиот градоначалник на Скопје, Никола Груевски. И оваа година во буџетот се предвидени 5,7 милиони евра за барокни фасади, нови 2,6 милиони евра за луксузна Градска куќа, 500 илјади евра за партерно уредување на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Дури, Коце Трајановски повторно предвидува да потроши 200 илјади евра за нов карусел, покрај постоечкиот“, рече Манчевски.

Тој додаде дека овој предлог буџет, не само што е катастрофален, туку е и нехуман. Манчевски додава дека и покрај тоа што годинава, 23 граѓани ги загубија животите во катастрофалните поплави. Во предлог буџетот за 2017 година, нема предвидено ништо за дополнителна заштита на Скопје од поплави и други природни катастрофи.

„Доколку навистина веруваше во поддршката на скопјани за неговите политики, Коце Трајановски до сега ќе си поднесеше оставка и на 11-ти декември ќе одевме на предвремени избори за градоначалник на Скопје. Но, тоа не го направи. И самиот е свесен дека скопјани масовно ќе се определат за животот во Македонија“, вели Манчевски.