Од:

Мареј: Сакам да уживам како број еден, може да трае само една недела

Како светски рекет број еден, Енди Мареј би можел да понесе товар од преголеми очекувања на завршниот Мастерс во Лондон, па затоа, засега, сака само да ужива во новиот статус што го има. Трикратнот гренслем освојувач го детронизира Новак Ѓоковиќ на врвот на АТП листата што потврди со титула во Париз по победата во финалето над Џон Изнер со 6:3, 6:7, 6:4.

Мареј ќе има 405 бода повеќе од Ѓоковиќ на ранг листата што утре ќе ја објави АТП. Но, Србинот не е без шанси да го поврати загубеното. За тоа ќе мора да го освои Лондон и притоа да забележи три победи во групата. На тој начин би додал максимални 1.500 бодови на своето конто додека на Мареј би му припаднале 1.000 со пласманот во големото финале.

Новак Ѓоковиќ

 

Премногу време за одмор, сепак, ќе нема. Последниот турнир за сезоната почнува наредната недела во „О2 арена“ во Лондон и на него ќе се решава кој ќе заврши во 2016 година како светски рекет број еден иако постојат гласини дека Ѓоковиќ, поради проблеми со десната дланка, би можел воопшто да не настапи.

Запрашан по финалето со Изнер  дали се чувствува поразлично на теренот како лидер во светскиот тенис, Британецот одговори:

„Оваа ситуација може да трае само една недела. Затоа ќе се обидам колку што можам да уживам во неа бидејќи можеби ќе загубам во Лондон и никогаш повеќе нема да биде тука“.

Енди Мареј

Кај Мари се чувствуваше помалку нервоза пред денешниот меч за титулата во „Берси“, откако го обезбеди првото место на ранг листата со самиот пласман во финалето. Тоа делумно го призна и самиот.

„Да, бев нервозен пред натпреварот. Знаете, убаво е кога ќе победите меѓутоа понекогаш кога ќе реализирате нешто големо, нешто вредно што не сте го очекувале знае да доведе до опуштање што за среќа не се случи“.

Енди Мареј

Мареј, кој сè уште нема триумф на Австралија опен и на Ролан Гарос, ќе се обиде да го подигне пехарот во Лондон, двократниот олимписки шампион веќе има цел пред себе. Таа се однесува на победа во Мелбурн во јануари.

„Не знам на кое место на ранг листата би бил за пет или шест месеци. Но, она што навистина посакувам е да освојам титула на Австралија опен како прва наредна голема цел на почетокот на идната година. Бев блиску во неколку наврати, а никогаш не успеав. Би сакал повторно да се обидам да триумфирам“, заклучи 29 годишниот тенисер од Глазгов кој има пет порази во финалните мечеви во „Мелбурн парк“.