Од:

Меѓународен заговор против Македонија во пораките на Груевски

Промена на името и идентитетот на Македонците и напад на унитарноста на македонската држава. Ова според пораките кои вчера ги упати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се крајните цели на агендата организирана од странски и домашни сили која се реализира преку промена на власта во земјата.

Анализата е достапна на албански јазик на следниот линк.

„Редовна хистерија кога една партија се подготвува за опозиција.“ Вака комуникологот Петар Арсовски го коментира вчерашниот настап на Груевски на провладината ТВ Сител, како и неговиот долг пост на Фејсбук со речиси исти пораки до јавноста. Тој смета дека последните неколку јавни говори на Груевски всушност се подготовка за одење во опозиција.

„Го поставува својот политички наратив за периодот откако ќе се формира владата меѓу СДСМ и другите партии. И тој наратив треба да се гледа низ призма на една политичка хистерија, која е нормална откако една партија после 11 години оди во опозиција. Не би го земал здраво за готово се што тој кажал, особено за странските сили кои ја уриваат земјата, но од друга страна колку тој мисли дека тој и Македонија се едно те исто е спорно прашање.

Очекувам дека оваа реторика ќе се засили, бидејќи секогаш за лидерите е полесно да обвинат некого однадвор отколку да се соочат со проблемите кај себе. Ако Груевски ја обвини ВМРО-ДПМНЕ тогаш треба да преземе дел од одговорноста“, вели Арсовски.

Груевски не прави разлика меѓу извршна, судска и законодавна власт

Повикот што Никола Груевски го упати до народот да ја одбрани унитарноста на државата е очекувана реакција, откако се обелодени дека СДСМ има подршка од 67 пратеници, смета аналитичарот Сефер Тахири.

Според него,  ваквиот потег на Груевски е очекуван откако изминатите два дена стигна и абер од меѓународниот фактор со јасна порака дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев треба да го добиe мандатот за составување на влада.

„Продолжува со реториката насочена против меѓународниот фактор.  Но,  запрепастувачки е што како поранешен премиер, не прави разлика помеѓу извршна, судска и законодавна власт. Од друга страна, веројатно водејќи се по неговата практика, вели дека подготвен е Заев да го уапси, да го затвори и малтретира, што е во најмала рака чудна изјава, бидејќи екс премиер не треба да создава впечаток дека премиерот е и влада, обвинителство и судство, туку одлуки за правда донесуваат институциите на правната држава. Тоа е добра поука за Заев да не се претвори во водач на сите власти во земјата“, вели Тахири.

Тој вели дека Груевски се крие зад националните и државните интереси, но онака како што тој ги замислува – со штитење на личните и клановските интереси на групацијата која ја водеше ВМРО-ДПМНЕ.

„Во таа насока ги гледам и многуте споменувања на пропагандистичките формулаци: народ, државни интереси, нападнати сме, да се браниме. Во ист стил се и пораките против албанскиот јазик и правата на Албанците, кои ги истакнува гледајќи дека народот е многу мирен, а од друга страна се обидува и сака да создаде на вештачки начин тензии на интеретнички план, кои во реалноста не постојат“, вели Тахири.

Понуда која „не може да се одбие“

Груевски во вчерашните пораки испрати понуда до Зоран Заев во која вели дека ако албанските партии ја донесат СДСМ на власт, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да ја поддржи малцинската влада на СДСМ, доколку тие „се откажат од законот за јазиците, платформата од Тирана и редефинирањето и урнисувањето на државата“.

„Ако толку по секоја цена сака Заев да биде премиер, нека не удира по државните и националните интереси. Нека ја спроведува програмата од изборите без редефинирањето. Нека удри и по нас, ама не по државата и нејзините темели. Еве јас доброволно ќе прифатам ако тоа му е услов на Заев да ме уапсат, затворат и малтретираат, а ВМРО-ДПМНЕ да го поддржува како малцинска влада колку време сака до наредните избори кои заедно би ги договориле, нека удри по мене, само нека се откаже од удирање по темелите на државата заради желбата да е на власт. Ова нека го сфати како јавна понуда“, рече Груевски.

За аналитичарот Владимир Божиновски од целото интервју на Груевски ова е најважната порака.

„Нема ниедна унитарна држава во Европа која има одредени решенија како тоа што се планира, која го има тоа, ние де факто нема веќе да бидеме унитарни. Понудата е фер, Груевски рече дека ќе ја подржи владата на СДСМ доколку таа не ја прифати албанската платформа. Излезе со фер понуда со цел да се направи зачувување на државата и сега Заев е на потег“, смета Божиновски.

За активистот Петрит Сараќини, не е прв пат Груевски да ја користи оваа реторика. Тој пристапува кон жесток национализам и националистичка реторика секогаш кога  неговата власт е доведена во ризик.

„Сега не само власта, но и постоењето на Никола Груевски како политички фактор во Македонија е доведено  под сомнеж  бидејќи се соочуваа со судски постапки и не е за изненадување тоа што Груевски може да гледа на порастот на меѓуетничките тензии како можност  да побегне од одговорност  за криминалното владение во текот на овие десет години”, вели Сараќини.

Груевски вчера порача дека на Македонија и е загрозена и нападната унитарноста. Според него единствено народот може да ја одбрани државата и ако тој не го направи тоа, тогаш ќе следат проблеми.

„Главната цел е промена на името на државата и промена на идентитетот. Претходно слабеење на државата, носење друга политичка гарнитура на власт која е однапред спремна тоа да го направи. Крајна цел е промена на името, тоа е крајната и клучна цел, за се она што ни се случува во земјата. Секундарна е двојазичноста, правење на Македонија да биде бинационална држава, веројатно ќе се оди кон федерализација, но клучно е промената на името“, рече Груевски.

Текстот е соработка помеѓу НОВАТВ и ПортАлб.