Од:

Милевски: Нема да e лесно, но оптимист сум дека може подобро со Србија

Фото: ffm.mk

Македонија имаше свои периоди, имаше свои шанси во дебитантскиот настап на младинските Европски фудбалски првенства. Официјалната статистика на УЕФА говори за 24 закани кон голот на Аризабалага, но неговата мрежа остана мирна. Шпанија ја искажа својата моќ уште во воведниот меч на турнирот во Полска и на крајот славеше со убедливи 5:0.

„Не сум сигурен дека може да примам честитки по ваков резултат. Меѓутоа имаше момент во кои бевме рамноправни со Шпанците. Речиси 60 минути имавме подеднакво ниво на посед на топката, организиравме напади, изведовме корнери и шутиравме кон голот што, мислам, дека е за респект“, изјави македонскиот селектор Благоја Милевски по мечот.

„Црвено-жолтите“ одиграа допадлив натпревар против фаворизираната „фурија“. Резултатски не минаа добро, не постигнаа гол меѓутоа имаат слободен настап и демонстрираа желба за надигрување со скапиот и искусен ривал со Саул Нигез, Марко Асенсио, Ектор Бељерин во него. Пристапот, сепак, останува ист, нова прилика за првенец и поволен резултат ќе имаат во вторник (18 ч.) во балканската пресметка со Србија во Бидгошч.

„На почетокот на мојот мандат ветив дека додека сум селектор ќе играме против сите репрезентации и ќе се обидеме да победиме во секој натпревар. Горд сум на моите фудбалери кои добро ѝ парираа на Шпанија во 60 минути по што избледневме. Нема да биде лесно да се вратиме во наредниот меч по ваков пораз иако, сум, оптимист дека можеме подобро од ова“, додаде Милевски.

Фото: uefa.com

Бабунски: Индивидуалниот квалитет на Шпанците ја направи разликата

Играта е едно, а резултатот нешто друго за Македонија. Задоволство од првиот аспект и помалку разочарување од вториот изрази Давид Бабунски кој ја носеше капитенската лента против Шпанија. Притоа испорача и верба за поправање во дуелите против Србија во вторник и против Португалија на 23 јуни.

„Присутно е мало разочарување од резултатот што не е вистински одраз на ситуацијата на терен. Особено во првото полувреме што го одигравме одлично, имавме посед на топка и создававме шанси. Разликата ја направи нивниот индивидуален квалитет. Се обидовме да не отстапиме од нашиот стил на игра, да останеме високо и да правиме притисок на топка, но не беше лесно. Истакнавме многу позитивни работи, ќе треба да работиме на отстранување на грешките“, јасен е стандардниот првотимец на Јокохама маринерс.